Нова спортска сала во општина Петровец

Во Основното училиште „Кочо Рацин“ во општина Петровец денеска официјално беше пуштена во употреба новата спортска сала изградена како дел од проектот на Владата на Република Македонија за изградба и опремување на 145 спортски сали.

Салата има површина од 1.300 метри квадратни, трибини со капацитет од 400 седишта, располага со сите потребни спортски реквизити, соблекувални, тушеви и други помошни простории и во неа може да се игра кошарка, ракомет, мал фудбал, но и да се користи за гимнастика и други спортски содржини. За нејзината изградба инвестирани се 41,5 милиони денари, средства обезбедени од Буџетот на Република Македонија и Банката за развој при Советот на Европа.

- Барањата за изградба на оваа сала беа општо познати и целосно оправдани. Уште од далечната 1963 година, односно цели 50 години на ова училиште му служеше старата и дотраена училишна сала која беше во многу лоша состојба и буквално се распаѓаше од старост, рече премиерот Никола Груевски во говорот на свеченото отворање.

Тој нагласи дека новата сала ќе биде од голема корист за учениците и наставниците, но и за спортските клубови и сите граѓани на општина Петровец што ќе се рекреираат во неа.

- Оваа сала не е единствениот, ниту, пак, последниот проект од областа на спортот што го реализираме во општина Петровец. Во изминатиот период го изградивме големото фудбалско игралиште во Петровец, фудбалските игралишта во Долно, Средно и Горно Коњари,..., а во наредниот период планираме изградба на уште две тениски игралишта во рамките на ова училиште и едно повеќенаменско спортско игралиште во Ржанчино, истакна Груевски.

Најави дека наскоро се очекува да се изгради и сосема нова зграда на ОУ „Кочо Рацин“ во Петровец.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски посочи дека примарна цел на новата сала е да се создадат услови за неперечено одвивање на часовите по спорт и спортски активности во училиштето, но додаде дека објектот има потенцијал да се користи и за воннаставни тренинзи и спортска рекреација.

- Новата спортска сала е уште еден успешно завршен инфраструктурен проект со кој општина Петровец може да се идентификува како едно модерно и просперитетно место за живеење, рече Ристовски.

Додаде дека во последните неколку години во општина Петровец значајно е подобрена патната инфраструктура, се унапредуваат стопанските капацитети и се инвестира во подобрување на условите во училиштата.

Градоначалникот на општина Петровец Борче Митевски рече дека изградбата на салата е од особено значење за младите но и за спортските екипи  и културните друштва од општината.

- Пред две години во старата спортска сала ветивме дека ќе изградиме нова. Денеска нашето ветување станува реалност со кое општина Петровец доби нов значаен спортски објект што ќе можат да го користат сите нејзини жители, истакна Митевски.