Компанија од Тунис партнер на Дрекслермаер ќе гради фабрика кај Кавадарци

Компанија од Тунис планира да изгради производствен капацитет во близина на Фабриката на Дрекслермаер во Кавадарци, најави премиерот Никола Груевски при денешната посета на Кавадарци и Кавадаречко. Посочи дека станува збор за компанија партнер на Дрекслермаер која отвора фабрики секаде каде што отвора и Дрекслермаер.

- Компанијата веќе ја посети Македонија и од она што го кажа доста е извесно дека ќе дојде во Македонија да произведува одредени делови кои се потребни за производството на Дрекслермаер, рече премиерот Груевски во одговор на прашање по пуштањето во употреба на регионалниот пат Кавадарци-Мушевгроб.

Нагласи дека се уште не може да го каже името на компанијата, но прецизра дека станува збор за компанија која ги следи Дрекслермаер секаде каде што градат фабрики.


- Тие се нивни бизнис партнери и обично кога Дрекслермаер ќе отоври нова фабрика и тие отвораат своја фабрика на истото место заради намалување на транспортните трошоци  за нивниот производ, истакна Груевски.

Со евентуалната изградба на новата фабрика на тунискиот производител, како што рече, ќе се намали цената на чинење на нивниот, но и на производите на Дрекслермаер.

Прашан дали и годинава лозарите ќе добијат по два денари премија за предадено грозје во домашните винарии, премиерот рече дека тоа се случувало во изминатите години кога цената на виното била ниска поради што Владата ги стимулирала производителите, а за годинава се уште се разгледуваат аргументите за тоа.