Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски во посета на Букурешт

Владина делегација предводена од претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, а во чиј состав се и министерот за надворешни работи г-дин, Никола Поповски и министерот за транспорт и врски, г-дин Миле Јанакиески,  денеска и утре (25 и 26.11.2013 година) ќе оствари работна посета на Букурешт, Република Романија.

Денеска, претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски ќе оствари тет-а-тет средба со претседателот на Владата на Република Романија, г-дин Виктор Понта. Премиерот Никола Груевски ќе оствари и одвоени средби со повеќе стопанственици од сферата на автомобилската индустрија, градежништвото и туризмот, како и средба со повеќе претставници на македонските иселеници во Република Романија.

Во рамките на вториот ден од престојот, претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски ќе присуствува на отворање на Самитот на шефовите на влади на Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа каде ќе има и свое обраќање пред присутните.

На маргините од Самитот, премиерот Никола Груевски ќе оствари билатерални средби со претседателите на влади на повеќе земји учеснички на Самитот.

Премиерот Никола Груевски ќе се сретне и со претседателот на Домот на пратениците на Романија, г-дин Валериј Згона.

Инаку, Република Романија е овогодинешниот домаќин на Самитот на шефовите на влади на Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа каде е најавено присуството на премиери и високи политички претставници на 17 држави, меѓу кои и премиерот на Народна Република Кина, г-дин Ли Кеќианг, премиерот на Република Естонија, г-дин Андрус Ансип, премиерот на Република Полска, г-дин Доналд Туск, премиерот на Република Литванија, г-дин Алгирдас Буткевичиус, премиерот на Република Хрватска, г-дин Зоран Миловановиќ и други. На самитот ќе се разгледуваат можностите за засилена економска соработка и отворањето на нови пазари преку засилена инвестициска активност на државите од Централна и Источна Европа преку средствата кои ги нуди на располагање кинеската држава.