Средба на министерот Џафери со командантот на КФОР, генералот Фарина

Министерот за одбрана Талат Џафери, денеска оствари средба со командантот на КФОР, генерал-мајор Салваторе Фарина, кој престојува во посета на Република Македонија.

На состанокот министерот Џафери и генералот Фарина размениле мислења околу соработката на КФОР со Република Македонија, како земја која обезбедува постојана логистичка поддршка за НАТО-предводената операција на Косово, за моменталните и идните активности на КФОР, како и за тековната ситуација на северот од Косово.

Како што денеска соопшти МО, министерот Џафери на средбата посочил дека Република Македонија и Армијата на Република Македонија ќе продолжат да бидат партнер на Алијансата во сите нејзини напори за одржување на светскиот и регионалниот мир и просперитет, како предуслов за економска благосостојба.

Генералот Фарина, пак, изразил благодарност за логистичката поддршка на Република Македонија за силите на КФОР и посочил дека таа е од големо значење за спроведување на тековните задачи и активности на КФОР на Косово.

Република Македонија обезбедува логистичка поддршка на КФОР преку Координативниот центар за поддршка од земјата-домаќин кој иницијално започна со работа во 2005 година, како проект кој за прв пат беше имплементиран со земја-членка на Партнерството за мир.