Груевски ги повика бизнисмените од Романија да инвестираат во Македонија

Македонската владина делегација која престојува во посета на Романија, денеска во Букурешт, пред романски компании од автомобилскиот и градежниот сектор и од областа на туризмот, рударството и минералните суровини ги претстави можностите за инвестирање во Македонија.

Некои од нив ќе дојдат во посета на Македонија за да ги видат можностите за водење бизнис и да разговараат со надлежните институции, а планирано е да се одржат и презентации во Романија каде подетално ќе бидат претставени можностите што им се нудат на странските инвеститори.

- Станува збор за корисни средби и се надевам дека од дел од овие поединечни средби и разговорите што ги имав со стопанственици или генерални менаџери на овие крупни романски компании, подоцна ќе произлезе некоја инвестиција во Република Македонија, изјави премиерот Никола Груевски по средбата со романските бизнисмени.

Премиерот Груевски се сретна и со македонските иселеници во Романија, а вечерва ќе оствари средба и со неговиот романски колега, Виктор Понта.

Утре, премиерот Груевски ќе присуствува и ќе се обрати на Самитот на шефови на влади од Кина и Источна и Централна Европа на кој е најавено присуство на премиери и високи политички претставници на 17 држави.

Минатата година ваков самит за првпат се одржа во Варшава, каде кинескиот премиер најави дека сакаат да инвестираат 10 милијарди долари во земјите од Централна и Источна Европа. Македонија со потпишувањето на договорот со кинеската компанија Синохирду за изградба на двете нови автопатски делници е меѓу првите земји од ЦЕИ што ќе искористи дел од овие средства.