Груевски-Понта: Романија силен поддржувач Македонија за ЕУ и НАТО

Романија останува силен поддржувач на Македонија на нејзиниот пат кон евроинтегративните процеси. Оваа порака, вечерва во Букурешт, на македонскиот премиер Никола Груевски му ја пренесе неговиот романски колега Виктор Понта.

На нивната тет-а-тет средба во романската Влада, јасно и недвосмислено од романска страна е потврдена поддршката за приклучување на Македонија во ЕУ И НАТО, јави известувачот на МИА.

Премиерот Груевски го запозна својот романски колега со напредокот што Македонија го има направено на патот кон ЕУ и НАТО, како и со проблемите со кои се соочува државата околу влезот во Алијансата и почетокот на преговорите со Европската унија.     

- Она што е важно е дека романскиот премиер недвосмислено ја изрази поддршката Македонија што поскоро да стане дел од НАТО и да ги започне преговорите со Европската унија. Го запознав со реформите и напредокот што го правевме, како и со фокусираноста на одредени прашања за кои имаме укажувања. Од тој аспект можеме да сметаме дека Романија  и понатаму ќе остане поддржувач на Македонија што се однесува до членството во овие организации, изјави премиерот Груевски по средбата.

Двајцата премиери разговараа и за интензивирање на економската и трговската соработка, а беа разгледани и можностите за инвестирање. Премиерот Груевски го покани својот романски колега да ја посети Македонија со поголема бизнис делегација со цел да се даде нов импулс на трговските врски меѓу двете држави, што беше прифатено од романска страна. 

- Романскиот премиер кажа дека начелно е заинтересиран и оти можеби следната година ќе дојде во Македонија со поголема бизнис делегација. И на тој начин да ги придивижиме нашите и нивните компании да изнајдат повеќе можности за економска соработка. Тоа би било добро. Романија е земја од регионот и има добри услови да се прави бизнис, истакна Груевски.

Средбата со романскиот премиер се одржа во пресрет на утрешниот Самит на шефови на влади на Кина и Источна и Централна Европа.

Премирот Груевски очекува на Самитот да ги слушне новите планови на Кина за нејзиното натамошно делување во регионот, како и можностите што ги нуди за понатамошна соработка. 

- Ние сме веројатно првата држава која ќе искористи средства од фондот што минатата година го формираше Кина. Уште две земји се многу блиску до исполнување, меѓутоа ние бевме подготвени со проекти  и како резултат на тоа сме први корисници на средствата што под мошне поволни услови ги дава Кина со референцијална камата од два осто, потенцира Груевски.

Минатата година во Варшава кинескиот премиер најави дека Кина е заинтересирана да вложИ 10 милијарди долари во регионот на Централна и Источна Еропа. Македонија веќе ги потпиша договорите со кинеската компанија „Синохидру“ за изградба на автопатските делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид со што стана и првата држава која ќе искористи дел од средствата што ги најави кинеската Влада.