Министерот Јанакиески се обрати на економскиот форум во Букурешт

Министерот за транспорти врски Миле Јанакиески денеска, на економскиот форум во рамки на Самитот на претседатели на влади на Народна Република Кина и на земјите од Централна и Источна Европа во Букурешт, презентираше дел од постигнатиот напредок од инвестирањето во патната инфраструктура.

Јанакиески ги предочи и предвидените активности на Министерството за развојот на транспортната инфраструктура по должината на транспортните коридори во Република Македонија.

Во оваа насока, информираше за потпишувањето на договорот за реализација на изградбата патната делница Миладиновци – Штип и патната делница Кичево – Охрид, како и за тековните активности за изградба на новиот автопат на потегот Демир Капија – Смоквица и рехабилитацијата на автопатот Велес – Катланово, долж меѓународниот Коридор 10.

- Покрај тековните активности на патните коридори, паралелно работиме и на подобрување на железничкиот транспорт и железничката инфраструктура во земјата.  Со оглед на постоечкиот квалитет и стандардите на железничката инфраструктура, почнаа низа проекти во доменот на железницата. Главната цел е зголемување на капацитетот на коридорите за подобра кохезија со земјите-членки на ЕУ и соседните земји, промоција на одржлив развој особено преку намалување на негативните ефекти од транспортот врз животната средина, подобрување на безбедноста, зголемување на атрактивноста на железничкиот транспорт како алтернатива на традиционалниот патен транспорт, и секако зголемување на брзината на движење, истакна Јанакиески.

Министерот оствари билатерална средба со романската колешка Рамона Манеску. Разговараа за зголемување на квотите на транспортни дозволи за превоз на стока и укинување на патните такси за македонските превозници, за што е договорено во јануари 2014 година да се одржи средба на техничко ниво меѓу мешовитите комисии за патен сообраќај на двете земји.

Во рамки на форумот, Јанакиески имаше средба и со претставници на романската авио-компанија „Таром“ со кои разговараше за можноста за воспоставување директна авионска линија Скопје – Букурешт за што е договорена дополнителна средба во следниот период во Скопје.