Лабораторија за преимплантациски испитувања на Гинеколошко-акушерската клиника

Премиерот Никола Груевски и министрите за образование и наука и за здравство, Спиро Ристовски и Никола Тодоров, денеска ја посетија Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство каде што е инсталирана лабораторија за цитогенетски, пренатални и преимплантациски испитувања.

Инвестицијата е околу 18  милиони денари  и е дел од проектот на Министерството за образование и наука за набавка и опремување лаборатории на јавните високообразовни институции.

Министерот Ристовски изјави дека лабораторијата е исклучително значајна за правилна и здрава реализација на ин витро и дека пренаталните испитувања како дополнителна проверка ќе се прават, пред се, кај родители со ризик да му пренесат некое заболување на детето.

 - Апаратите од лабораторијата овозможуваат поквалитетен процес на прегледување и превенција од сите ризични болести кои може да се појават во рамки на психичките и состојбите кои се карактеристични за правилниот понатамошен раст и развој на децата, изјави Ристовски.

Д-р Братица    Лазовска, биолог, специјалист по медицинска генетика, рече дека со лабораторијата ќе се подобри квалитотот на  услугите кои веќе ги има на нивната клиника - цитогенетски и пренатални, а првпат во Македонија се воведува и техниката за преимплантациска генетика.

- Кај парови кои веќе се носители на некое заболување - хромозомско или молекуларно, би се извршувало одредено испитување на самите ембриони кога се во стадиум од шест до осумклеточни, и по завршената анализа ќе се селектираат здравите ембриони и ќе се имплантираат кај мајката. Бидејќи никој не може да каже  кога или кое дете ќе биде носител на некое заболување, ако веќе родителите се носители, единствен начин да се открие тоа е токму преимплантациската генетика, рече  д-р Лазовска.