Вицепремиерот Пешевски во посета на Крушево

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денеска ги посети подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за вработување на Република Македонија и Агенцијата за катастар на недвижности во општина Крушево, и одржа средба и со претседателот на Советот на општина Крушево Нико Чонески.

Како што се наведува во соопштението, посетите на подрачните единици беа реализирани со цел на терен во директна комуникација со вработените да се добијат сознанија за предизвиците со кои се соочуваат вработените и да се слушнат нивните сугестии и предлози за подобрување на системот и условите за работа.

Вицепремиерот Пешевски во неколку наврати реализираше работни посети на повеќе подрачни единици на различни институции во неколку општини во насока на идентификување на проблемите и преземање мерки за подобрување на функционалноста на државните институции на локално ниво.