Премиерот Груевски на работна средба со амбасадорите на ЕУ во Брисел

Премиерот Никола Груевски денеска во Брисел оствари работен ручек со амбасадорите на земјите членки на ЕУ (КОРЕПЕР 2).

На средбата чиј домаќин беше италијанскиот амбасадор во ЕУ Стефано Санино, премиерот Груевски пред дипломатскиот кор во Брисел ги објасни чекорите на македонската Влада за зачленување во ЕУ, за реформскиот процес и напорите кои се превземаат на полето на економијата.

На средбата беше оценето дека 2013-та беше година на успеси и на предизвици за Македонија, каде Европската комисија уште еднаш препорача започнување на пристапните преговори.

Беше истакнато дека Македонија е посветена на тој процес и дека главната стратешка цел на Владата е подобрување на економијата и економскиот напредок преку интензивирање на инвестициите и трговската размена.

- Владата останува посветена на европските интеграции и тоа преставува наша стратешка определба, истакнал премиерот Никола Груевски на средбата со амбасадорите на земјите членки на ЕУ.