МОН ги објави резултатите од конкурсот за ученички стипендии

Министерството за образование и наука на својата веб-страница (www.mon.gov.mk) ги објави резултатите од конкурсот за ученички стипендии, вкупно 737 во различни категории, од кои најбројни се за учениците од социјално загрозени семејства.

- Вчера беа објавени официјалните листи на веб-страницата на Министерството за образование и наука и е извршена распределба на стипендиите по различни категории. Комплетно се распределени стипендиите за ученици од социјално загрозени семејства и за ученици со посебни потреби, останати се мал број стипендии за деца без родители и дел од стипендиите за талентирани ученици и спортисти за припадниците на малцинските заедници, кои повторно ќе бидат објавени, изјави министерот Спиро Ристовски денеска по посетата на ОУ „Мирче Ацев“.

Истакна дека е многу задоволен од процесот на распределба на ученичките стипендии зашто е направена врз основа на новите законски правила, преку целосно транспарентна и одговорна постапка, со која стипендиите ги добиваат ученици кои навистина ги исполнуваат законските услови.