МОН прифати 151 коментар за прашањата од екстерното оценување на матурантите

Министерството за образование и наука (МОН) прифати 151 од вкупно поднесените 720 коментари за 60. илјади прашања со кои следната недела екстерно ќе се оценуваат матурантите, информира денеска ресорниот министер Спиро Ристовски.

- Прифатените 151 коментар од страна на Работната група главно се однесуваат на појаснување на определено прашање или поквалитетен превод. Во текот на денешниот ден ќе биде објавен вкупниот број на прашања заедно со прифатените коментари. Најверојатно ќе има посебна листа на прашањата со прифатени коментари за да обезбедиме комплетна  транспарентност, изјави Ристовски по изборот на најдобрите каратисти за 2013 година во организација на Традиционалната карате федерација.

Прецизира дека од поднесените 720 коментари половината беа општи во однос на процесот на екстерно оценување и воопшто не се однесуваа на содржината на прашањата и на подобрувањето на нивниот квалитет. Кај прифатените, посочи, најчесто суштината на прашањето не е променета, туку има квалитативно подобрување за негово појасно разбирање и одговарање или во делот на преводот.

- Во недела на 19 јануари ќе бидат објавени финалните списоци на влезните врати на училиштата и распоредите кој ученик кои два предмета ќе ги полага во среда и во петок следната недела, рече министерот Ристовски, нагласувајќи дека околу 20.000 матуранти и 2.900 наставници ќе бидат предмет на екстерното оценување.

Истакна дека прифатените 151 коментар или 0,025 проценти покажуваат дека прашањата квалитетно биле изработени.

Министерот за образование и наука не очекува никакви проблеми при екстерното полагање, ниту дека некој ќе се обиде да го „изигра“ системот и вели дека матурантите единствено можат да ги „изиграат“ доколку добро ги научат прашањата.

- Екстерното полагање не треба да биде затворен процес, напротив во него треба сите да бидат вклучени. Ни еден ученик нема да добие прашања кои воопшто не биле објавени. Единствено треба да ги научат веќе објавенит епрашања, потенцира Ристовски.

Квалитетното одговорање на прашањата, рече, е резултат на кфвалитетното знаење, а квалитетното знаење придонесува за целокупниот развој на државата, што, пак, е крајна цел на секој образовен систем во светот.  

- Им ги понудивме материјалите на учениците од кои треба да полагаат. Мислам дека пристапивме многу одговорно и транспарентно за да се намали стресот кој беше една од главните карактеристики на минатото полагање. Фокусирани сме да добиеме многу поквалитетно екстерно тестирање. Истото ќе го направиме и во јуни кога ќе ги објавиме прашањата и за сите други генерации на вкупното екстерно тестирање, рече Ристовски и додаде дека крајната цел на екстерното тестирање е да се добие поквалитетен образовен систем.