Груевски: Започнати тендерските процедури за реконструкција на Општата болница во Струмица

Владата и Министерството за здравство веќе имаат започнато одредени тендерски процедури за реконструкција на Општата болница во Струмица, најави денеска премиерот Никола Груевски.

Идејата е, нагласи Груевски, да се направи нов дел на болницата каде што ќе се смести ургентното одделение, гинеколошкото и оперативните одделенија, а се работи за 6.000 метри квадратни простор за којшто вчера министерот за здравство информираше дека се започнати процедурите за проектирање и градба.

Според премиерот, проектирањето треба да заврши за околу 1,5 до 2 месеца и подоцна да почне процедурата за почеток на комплетно нова градба.

- Од 1987 година таму има изградено карабина која стои така речиси 30 години и практично ќе дојде со градба од почеток. Можам да потврдам дека освен други работи што ги направивме во сегашната болница, какви што се набавка на голема опрема, сега почнуваме со нов дел, нова болница во Струмица, изјави Груевски.

Според него, тоа е во духот на целото фокусирање на здравството во овие години. - Истовремено имаме градба на нов клинички центар во Скопје, се гради ПЕТ-центарот, наскоро започнува градбата на болницата во Штип, во Струмица, на болница во Кичево, се гради Козле, а се почнати и одредени реконструкции во „8 Септември“, како и во други болници низ цела Македонија, како што е Охрид, а во повеќе други места се вршат градби или реконструкции на постоечките болници. Тоа е силен фокус, што е во износ од над 100 милиони евра само во градби и реконструкции на постоечки болници или градби на нови болници, нагласи Груевски, додавајќи дека набавката на опремата е друга ставка која што исто така е околу 100 милиони евра.