Средното училиште во Шуто Оризари ќе работи од учебната 2014/2015 година

Настава во средното училиште во општина Шуто Оризари ќе има од почетокот на учебната 2014/2015 година. Објектот денеска го посети министерот за образоваие и наука Спиро Ристовски, задоволен што изградбата е при крај  и што училиштето кое се гради повеќе од пет години, од 1 септември ќе почне да работи.  

Изградбата имаше застои поради имотно-правен спор, што се појави по поставувањето на камен-темелникот, а потоа поради неодговорност на дел од претходните изведувачи. Нов изведувач е градежната фирма „Виа Вевчани“.

Тоа ќе биде прво средно училиште во Шуто Оризари. Инвестицијата од 100 милиони денари е на Владата на РМ, која со исто толку средства ја финансира и доизградбата на двете основни училишта во оваа ромска општина - „26 Јули“ и „Браќа Рамиз и Хамид“ кои, исто така, ќе бидат готови до 1 септември.  

- Се одвиваат завршните активности во училиштата на оваа општина. За мене е исклучително задоволство да се види сериозниот и огромен прогрес, практично завршните работи, на овие објекти. Од следната учебна година тука ќе почнат да се запишуваат средношколци од Шуто Оризари. Тоа е капитална инвестиција за оваа општина во која досега немаше соодветен простор за средно училиште. Објектот, кој е инвестиција на МОН и Владата од 100 милиони денари се очекува комплетно да биде завршен за еден месец, потоа согласно со законот да почне уписот и од следната учебна година ова средно училиште да биде комплетно функционално, изјави Ристовски по разгледувањето на училишните простории.

Зградата се простира на  4.500 метри квадратни, има 18 кабинети, библиотека и училишна спортска сала. Ќе има капацитет за околу 900 ученици во една смена, што одговара на бројот  на средношколци во општината кој се движи околу 800.   Во соработка со Град Скопје и врз основа на анализа за потребите на граѓаните од општината Шуто Оризари, ќе се дефинира каков вид средно образование и кои насоки ќе ги нуди новото училиште.

Ристовски потсети дека покрај овие инфраструктурни проекти од вкупно 200 милиони денари, МОН продолжува да го помага образованието на учениците Роми и со доделување стипендии.