Состанок на Меѓуминистерскиот комитет за конкурентност

Во Владата на Република Македонија денеска се одржа состанок на Меѓуминистерскиот комитет за конкурентност со кој претседаваше вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски.

На состанокот присуствуваа и претставници на Светската банка кои ја презентираа анализата и препораките со цел идентификување на мерките за јакнење на економскиот раст и зголемување на извозот.

По завршување на состанокот, Пешевски во изјава за медиумите рече дека  потребно е сите реформи да продолжат со цел подобрувањето на бизнис климата да вроди со плод во уште позабрзан економски развој, генерирање на нови работни места и подобрување на конкурентноста и на извозот на македонската економија и македонските компании.

- Во таа насока пред речиси една година побаравме од Светската банка да ни помогне со свои анализи во овие полиња. Практично има две области. Денеска се одржа состанокот од првата област.  Едната е генерални политики за подобрување на извозот, а втората е подобрување на одредени сектори. Во рамки на општите политики дадени се неколку препораки од СБ кои дел веќе се вградени во програмата за работа на Владата, а дел ќе бидат вградени во наредниот период со цел да има подобрување на извозните потенцијали, истакна Пешевски.

Во изминатите неколку години, посочи тој, извозот се повеќе се концентрира кај помал број компании и тоа кај производи кои главно се со релативно низок или среден степен на додадена вредност или се базирани на извоз на некои ресурси, тука се пред се металите и металните суровини.

- Би сакале тоа да се смени. Со дел од инвестициите во слободните економски зони забележуваме еден таков тренд и тоа беше политика на Владата, но би сакале да видиме што е она што повеќе можеме  да го направиме во соработка со домашните компании не само со странските компании, рече Пешевски.

Тој потенцира дека препораките од СБ одат во таа насока соработката меѓу компаниите во слободните економски зони и домашните компании да се интензивира, дел од тоа, како што рече, може да се направи и со промена на политиките, а дел да се зголеми капацитетот преку подобрување на капацитетите на работната сила.

- Тука се сите проекти за подобрување на соработката меѓу компаниите и науката, дел за подобрување и на системот за образование каде бројот на реформи е голем, но сето тоа можеби на еден поструктуриран начин што ќе доведе до уште поголеми стапки на економски развој и намалување на невработеноста, истакна Пешевски.

Тој рече дека Светската банка дел од своите препораки ќе ги насочи во делот на финансиската поддршка што ја дава на Република Македонија.

- Во наредните неколку години еден дел од средствата кои Светската банка ги лоцира кон Македонија ќе бидат насочени кон секторите и политиките кои ќе бидат договорени дека се добри за државата, додаде Пешевски.

Министерот за економија Ваљон Сараќини кој присуствуваше на состанокот рече дека разговарале во насока на промовирање на извозот, а биле посочени и мерките на Владата за поактивна политика во однос на промовирање на извозот.

- Кажавме дека во услови на криза за подобра економија на државата треба да работиме што е можно повеќе за засилување на конкурентноста на домашната економија. Ги кажавме и нашите програми како што е стратегијата за развојот на индустриската политика, за промоција на извозот и други политики кои Владата во наредниот период ќе ги преземе за зацврстување на конкурентноста на домашната економија, истакна Сараќини.  

Лилија Бурунчук, директор на Канцеларијата на Светска банка за Македонија рече дека дел од стратегијата за партнерство меѓу Светската банка и Владата е да се поттикне конкурентноста на економијата како дел од агендата за раст.

- Ја завршивме првата фаза на анализата која се осврнува на конкурентоста на трговијата и содржи препораки за тоа како да се подобри конкурентоста на извозот на земјата за да го зголеми извозот и степенот на софистицираност на извозот, да привлече повеќе потенцијални бенефити, оф странски директни инвестиции кои доаѓаат во земјата и да ги поврзат со остатокот од економијата. Исто така да помогнат во пополнувањето на празнината која се однесува на нивото на квалитет на производите, иновација и вештини кои се потребни за пософистицирана економија повеќе ценети производи, истакна Бурунчук.

Некои од препораките, посочи таа, се однесуваат на зајакнување на институциите за поттикнување на извозот и поддршка на малите и средни претпријатија во земјата.

- Ова е почетокот на долга соработка со Владата која се надеваме ќе даде соодветни резултати на терен, додаде Бурунчук.