Ќе се отворат аптеки во села кои имаат до 3.500 жители

Сопствениците на две или повеќе аптеки во иста општина или на пет или повеќе аптеки на територија на Македонија согласно најновите измени на Законот за лекови и медицински помагала имаат обврска да отворат аптека или аптекарска станица во рурално подрачје (каде живеат до 3.500 жители и досега немало интерес за отворање аптека). Предвидено е олеснување, така што во аптеката ќе може да работи и само фармацевтски техничар. Се овоможува доделување 73 лиценци за отворање нови аптеки, односно аптекарски станици.

Од мерката бенефит ќе имаат  119.699 жители, опфатени се 42 општини и 73 села кон кои гравитираат уште стотина села со вкупно 320.000 жители. Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека станува збор за проект со кој се решава еден повеќедецениски проблем на немање аптеки во поголем број рурални подрачја во Македонија, чии жители мораа да патуваат повеќе километри за да ги обезбедат лекови.

Посочи дека мерката е со цел засилување на фармацевтската мрежа на цела територија на Македонија, со акцент на руралните подрачја во државата и додаде дека проектот е комплементарен двата крупни проекти „рурален доктор“ со кој се опфатени 360.000 жители и подвижни аптеки, кој беше изминатиот период најавен, за рурални средини до илјада жители, со кој се опфатени 260.000 жители.

Посочи дека со овој трет проект за отворање аптека или аптекарска станица во рурално подрачје (каде живеат до 3.500 жители), се заокружува целиот систем за подобрување на примарната здравствена заштита во рурални области и за навремено обезбедување соодветната терапија за населението од руралните подрачја во државата.

- Во сите села каде ќе се издадат лиценци за аптекарски станици, постојат и пунктови за рурален доктор што се опфатени со проектот на Министерството. Услови за отворање аптекарска станица е да се обезбеди простор согласно Правилникот за простор опрема и кадар, каде што се опишани условите и меѓу другото потребно е да има посебна просторија за чување лекови (магацински простор), каде што ќе се издаваат лековите и посебна опрема за чување наркотични средства, ладилник, како и читач за електронска картичка за секој шалтер на кој се издаваат лековите, рече Тодоров.
 
Аптекарски станици ќе се отворат во поголем дел општини во државата - Берово, Битола, Велес, Виница, Брвеница, Врапчиште, Кичево, Крива Паланка, Куманово, Липково, Маврово, Охрид, Гевгелија, Гостивар, Ресен, Чашка, како и во скопските општини - Гази Баба, Бутел, Сарај, Кучевиште, Чучер Сандево...Во битолскиот регион ќе се доделат лиценци за отворање нови аптекарски станици во селата Горно Оризари, Долно Оризари, Бистрица и Буково. Во струмичкиот регион ќе се доделат лиценци за отворање нови аптекарски станици во селата Банско, Дабиље и Куклиш. Во струшкиот регион ќе се доделат 5 лиценци за отворање нови аптекарски станици во селата Делогажди, Корошишта, Мислешево, Октиси и Радолишта. 

Во општина Сарај нови аптеки ќе се отворат во селата Бојане, Грчец, Копаница, Крушопек, Љубин, Радуша и Рашче. Во охридскиот регион нови аптеки ќе се отворат во селата Велгошти и Пештани. Во Радовиш ќе се отворат 2 аптекарски станици во Ињево и Ораовица. Во општина Маврово/Ростуше апекарска станица ќе се отвори во селото Скудриње. Нови аптекарски станици  ќе се отворат во општина Тетово (село Шиповица), Чашка (Горно Јаболчиште, Мелница и Чашка), Виница (Градец и Истибања), во Гостивар (Беловиште, Горна Бањица и Чајле) ...и многу други рурални подрачја.

- Во овие рурални подрачја ќе има аптекарски пункт, каде ќе има можност лековите да ги издава фармацевтски техничар, а еднаш во неделата ќе врши надзор дипломиран фармацевт за преглед на препишаните и издадени лекови во таа недела. Се работи за поставување правен систем кој придонесува за подобра здравствена заштита на примарно ниво во руралните подрачја во државата кои досега не беа соодветно покриени со аптеки, потенцира Тодоров и додаде дека се очекува по завршување на процедурата во наредните три месеци, да се отворат овие пунктови во руралните средини.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека пунктовите задолжително мора да се отворат затоа што тоа го предвидува Законот.

- Неотворањето на пунктовите на постојните аптеки кои имаат повеќе од две аптеки во една општина или повеќе од пет на целата територија на Република Македонија повлекува затворање на дел од аптеките за да дојдат до една аптека, односно да не го исполнуваат практично законскиот услов кој овозможува отворање на овие аптеки, истакна Тодоров.

Појасни дека целиот тој систем практично е еден германски модел на отворање на супсидијарни аптеки со што се овозможува повисока грижа на државата за руралните населени места, односно една политика на државата која што овозможува онаму каде нема финансиска исплатливост тоа да се врзе со места каде што постои финансиска исплатливост за отворање на аптеки.

- Предвидено е доколку еден ланец од аптеки има на пример две или повеќе аптеки во една општина да има обврска да отвори една аптека во рурално подрачје каде што ќе може аптеката да работи само со фармацевтски техничар, а притоа да биде мониторирана од страна на фармацевт, посочи Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање изрази очекување дека сопствениците на аптеки ќе ја прифатат мерката затоа што станува збор за проширување на мрежата.

- Станува збор за олеснети услови за отворање на аптека, намалени трошоци, затоа што не треба да има фармацевт и техничар, туку само техничар. Исто така, предвидуваме во овие аптеки кои се отвораат да бидат во рамки на мрежата на здравствени установи односно трошоците за овие аптеки да бидат покриени од ФЗОМ. Тоа е една мерка која што на прв поглед е принудна, меѓутоа во секој случај станува збор за добро обмислена мерка која има своја подлога во поголем број на европски земји, додаде Тодоров.