Кампања за борба против користење допинг во спортот

Елиминацијата на допингот во спортот е многу важно прашање ако се земе предвид дека младите се иднината на секоја земја, а спортот како важен сегмент во градењето здрави личности и спортисти кои пред себе ќе имаат исправен систем на вредности, во овој динамичен период на живеење не останува имун на заканите кои ги има и во Македонија, а се однесуваат на употреба на недозволени средства.

Ова денеска го нагласи министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Марјан Спасески присуствуваа на денешната презентација за преземените мерки од државата во борбата против користењето допинг во спортот во „Куќата на фудбалот“ во Скопје.

Таа посочи дека Владата и АМС во таа насока почнаа интензивна кампања за запознавање на спортистите, но и на сите луѓе за опасноста од употреба на недозволени средства бидејќи духот на спортот треба да остане натпреварот, а победата, подвлече, да му припадне на оној што е најдобро подготвен.

Случаите на допинг ги открива Антидопинг федерацијата, меѓутоа, појасни министерката, зависно од типот на допингот може да се случи да е и во надлежност на МВР.

- Не е исклучено дел од некои супстанци кои сега се, условно речено, во слободна продажба, или во иднина ќе бидат откриени, а не се санкционирани во кривично-правен аспект, во иднина да бидат ставени на недозволената листа и да бидат санкционирани, рече Јанкулоска.

Во 2013 година АМС реализирала 30 допинг контроли, од кои 15 во двата ракометни клуба Вардар и Металург (машки и женски) и 15 на спортисти кои учествуваа на Еворпското првенство за борење во младинска категорија, лани во Скопје.

Директорот на АМС Спасески истакна дека контролите покажале оти немало спортисти кои користеле недозволени фармаколошки супстанци.

- Минатата година добивме грант од УНЕСКО во висина од 20 илјади американски долари со кои практично денеска ја започнуваме Националната кампања за борба против допингот. Целта е преку низа едукативни работилници и презентации да се подигне свеста пред се кај оние лица кои директно се вклучени во процесот на допингот во спортот, за неговата штетност, рече Спасески.

Зоран Ханџиски, член на Националната антидопинг комисија при Агенцијата за млади и спорт, смета дека треба да се посвети внимание на допинг контролите и на едукацијата. ФФМ, информира тој, била првата која почнала со допинг контроли. Досега, подвлече, има направено над 200 контроли во ФФМ, во кошарката, ракометот, борењето, во пливањето...