Центарот за дијабетес доби реконструирани простории

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска го посети реновираниот објект на центарот за дијабетес, при Клиниката за ендокрионологија, чии амбуланти претходно беа сместени во два објекта.

Комплетно се сменети подовите, кровот, фасадата, тоалетите се реконстуирани, направени се шалтери, а променета е и целата инсталација.

- Добивме еден многу функционален објект, кој неколку дена успешно функционира. Ова е добро за персоналот бидејќи сите се на едно место, но и за пациентите да нема нивно шетање од една во друга зграда за различни услуги, а и да нема забуни во која зграда треба одат. Очекувам дека со преселувањето во овие нови и доброоспособени простории уште повеќе ќе се унапреди работата на центарот за дијабетес, изјави Тодоров по посетата.

Тој најави дека од идната година на Клиниката за ендокрионологија треба да се воведе нова метода, тенкоиглена биопсија на тироидна и паратироидна жлезда. - Со ова повеќе ќе се подигне нивото на квалитетно здравствените услуги, нагласи Тодоров.

Директорката на Клиниката Славица Шубеска - Страхова информира дека во центарот за дијабетес дневно се третираат од 100 до 120 пациенти или 18.000 до 25.000 прегледи годишно.

- Фреквенцијата за дијабет се зголемува во целиот свет, а тоа е невозможно да се избегне и кај нас. Затоа пружаме максимална грижа за пациентите и имаме извонредно огромен успех за спречување развој на компликациите. Да не се добие слепило, да не се развие дијабетично стопало и други компликации, инсулинските пумпи кај младата популација овозможуваат извонредна регулација на дијабетесот, истакна Шубеска - Страхова.

Објектот во кој е сместен центарот за дијабетес почна да се реконструира пред пет месеци, за што се инвестирани околу два и пол милиони денари.