Груевски: БиХ може да смета на поддршката од Македонија

Премиерот Никола Груевски денеска телефонски разговарал со Бакир Изетбеговиќ, претседавач на Претседателството на БиХ, во врска со катастрофалните поплави кои ја зафатија Босна и Херцеговина.

Двајцата размениле мислења за потребите и можностите за поддршка и помош. Премиерот Груевски при тоа изразил сочувство за жртвите од поплавите и ја истакнал подготвеноста Македонија да продолжи со помошта.

- БиХ може да смета на Македонија во рамките на нашите можности, истакнал Груевски, информираат од владината прес служба.

Покрај стокова поддршка како вода, храна, лекови и облека, тој истакнал дека Република Македонија ќе даде и финансиска поддршка за помош на настраданите.

Бакир Изетбеговиќ, од своја страна изразил благодарност за помошта која Република Македонија ја дава.

Премиерот Груевски телефонски разговарал и со Небојша Радмановиќ, српскиот член на Претседателството на БиХ.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на дневна основа ќе комуницира со Центарот за справување со непогоди на БиХ во врска со координацијата на соработката.