По 100 илјади евра дополнителна помош од Владата за Србија и БиХ

Македонија од државниот буџет ќе одвои по 100 илјади евра како дополнителна помош за Србија и Босна и Херцеговина, одлучи Владата на денешната седница.

- Владата исто така одлучи сите средства коишто ќе бидат собрани врз основа на отворените телефонски линии за донација ќе бидат до денар процесионирани како хуманитарна помош за БиХ и за Република Србија, односно државата нема да го задржи ДДВ, туку тој ќе биде пренаменет како хуманитарна помош и ќе биде испратен во загрозените региони по завршувањето на целокупната акција којашто трае до 30-ти овој месец, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Тој апелираше до сите фирми кои сакаат да донираат помош за настраданите од поплавите во Србија и БиХ, пред да го сторат тоа, да побараат мислење од Министерството за правда за да бидат ослободени од определени даночни оптоварувања.

- Сакаме да испратиме совет до сите фирми коишто имаат интерес и намера да донираат определени добра како помош до Република Србија и до Република БиХ, пред да го направат тоа, да побараат мислење од Министерството за правда дека се работи за донација од јавен интерес и истото ќе го добијат во брз временски интервал и на тој начин ќе бидат ослободени од определени даночни оптоварувања согласно законските прописи, истакна Ѓорѓиев.