Владина делегација предводена од премиерот Груевски на бизнис форум во Сингапур

С О О П Ш Т Е Н И Е

Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски денеска (вторник, 29 ноември 2011 година) во Сингапур учествуваше на бизнис форум на кој пред претставници од околу 50 сингапурски компании од различни области беа презентирани инвестициските можности и поволности што ги нуди Република Македонија.

Во своето обраќање пред присутните, премиерот Груевски истакна дека има многу нешта кои може да се научат од сингапурското „чудо“ во однос на создавањето на високо конкурентна економија заснована на знаење, односно дека сингапурската политика е позната по тоа што на одличен начин обезбедува вистински услови за раст на бизнисот, а токму тоа го прави и реформаторската Влада на Република Македонија во изминатите пет години, посочи Груевски.

Македонската Влада, кажа премиерот, е особено горда на спроведувањето на низа структурни и институционални реформи чија цел е поттикнување на раст и обезбедување флексибилност за спроведување на структурни промени кои се потребни во Македонија за да таа успее на меѓународните пазари и да се прилагоди на предизвиците поврзани со пристапувањето кон Европската Унија.

Премиерот Груевски посочи дека Република Македонија значително ги намали даноците на доход и добивка, како и социјалните придонеси, при што транспарентноста и ефикасноста на даночниот систем е значајно унапредена. Тој потенцираше дека поради поволностите што се нудат во технолошко индустриските развојни зони денес таму се присутни американските компании Џонсон Контролс и Кемет Електроникс, британската компанија Џонсон Мети, италијанската Технохозе, руската Протек Груп, како и индискиот мултинационален бренд Мадерсон груп.

Во своето обраќање премиерот Груевски се осврна и на образованието. Тој истакна дека Сингапур е многу успешен во развојот на човечки ресурси со оглед на инкорпорирањето на базичното образование со постојана доживотна обука и унапредувањето на вештините. Денес и Македонија значително го зголемува буџетот за образованието кој достигнува ниво од 6% од БДП во последните неколку години, истакна премиерот Груевски и образложи дека е проширен пристапот до високо образование, особено за природните науки и информатичките технологии, како и тоа дека значително е зголемена употребата на компјутери и интернет во државните училишта и универзитети.  

Пред присутните се обрати и претседателот на Сингапурската бизнис федерација Тони Чу Леонг Чи кој даде позитивна оценка за постигнувањата во македонската економија и ги повика сингапурските бизнисмени сериозно да ги разгледаат можностите кои ги нуди Македонија за реализација на нивните инвестициски проекти.

На бизнис форумот своја презентација имаше и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој се осврна на постигнувањата на макроекономски план, а ги елаборираше и потенцијалите кои што постојат за инвестирање во Република Македонија во сферите на патната и железничката инфраструктура, како и во енергетскиот сектор.

Свои обраќања на форумот имаа и министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Висар Фида и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо, кои што во детали ги запознаа сингапурските бизнисмени со поволностите што ги нуди Македонија за инвестирање.

На маргините на форумот, премиерот Груевски оствари средба со претседателот на Сингапурската бизнис федерација Тони Чу Леонг Чи, која што претставува главна стопанска комора во Сингапур и со чија поддршка беше организиран настанот, а воедно беше остварена средба и со директорот на туроператорот Универсал травел со кој се разговараше за конкретни можности за соработка во туризмот, односно за носење сингапурски туристи во Македонија во наредните сезони.

По бизнис форумот премиерот Груевски замина на средба со премиерот на Сингапур Ли Хсиен Лунг, а попладнето владината делегација заминува за Токио, Јапонија.