Едукации за унапредување на хоспиталната култура

Министерството за здравство од среда во Скопје ќе почне со спроведување едукации на здравствените работници од јавните здравствени установи за унапредување на хоспиталната култура.

- Се работи за организирани обуки за здравствените работници во јавните здравствени установи, кои го опфаќаат постојно вработениот, нововработениот медицински и административно-технички персонал. Обуките се спроведуваат согласно Протоколот за хоспитална култура, рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

Тој појасни дека едукациите за хоспитална култура ќе почнат со тридневна обука на шест групи од здравствени работници, три групи на постојно вработени и три групи на нововработени здравствени работници со по 50 учесници или околу 300 учесници. Ќе бидат опфатени вработените од универзитетските клиники во Скопје, Здравствен дом-Скопје, ГОБ „8 Септември“ и други здравствени установи.

Обуките се организирани во форма на интеракција меѓу учесниците, а на крајот и евалуација на стекнатите знаења и искуства. Обуките ќе ги спроведува тим на обучувачи, кој опфаќа експерти со долгогодишно искуство во обезбедување консултантски услуги, изработка на програми и планови, како и организирање едукации. Се работи за еден експерт за комуникации во здравството, еден предавач на постдипломски студии и еден редовен професор.

- Во текот на едукациите за хоспитална култура, особено внимание ќе посветиме на аспектите на ефективна комуникација, развивање комуникациски вештини и идентификување на потребите на пациентите, како и техники за совладување на комуникациските бариери.

Предвидени се и предавања кои се фокусираат на аспектот на емпатија во односите со пациентите и нивните блиски, градење односи на меѓусебна доверба и разбирање, значењето на невербалната комуникација и нејзино усогласување со вербалната комуникација, а воедно и целокупна примена на етичкиот кодекс на однесување во комуникацијата со пациентите, потенцира Тодоров.

Посебен акцент, како што рече, е ставен на улогата и примената на Протоколот за хоспитална култура во секојдневното работење на јавните здравствени установи.

- Во претстојниот период предвидуваме спроведување на 20 обуки на целата територија на Република Македонија, со што ќе опфатиме 1.000 здравствени работници од различни профили: доктори, медицински сестри, како и останат персонал, односно овие обуки ќе ги

издигнеме на регионално ниво и покрај во Скопје, ќе ги организираме и во Охрид, Битола, Штип и Велес, рече Тодоров.

Министерот за здравство истакна дека предвидуваат имплементација на концептот пациент-центрична здравствена установа кој, како што рече, опфаќа редовни средби на менаџментот на установите со претставници на пациентите и нивните семејства, како и поставување на пациентот во центарот на сите процеси во здравствените установи.