Мобилни полициски станици во скопските општини

Населените места кои гравитираат кон Скопје отсега ќе бидат поблиску до службите на МВР. Полицијата преку мобилните станици ќе ги решава локалните безбедносни проблеми. Oвој проект ќе се имплементира на подрачјето на седум полициските станици од општа надлежност при СВР Скопје, кои покриваат околу 140 рурални населени места.

Полицијата ќе биде постојано присутна со возило, т.н. мобилна полициска станица, каде граѓаните ќе можат да побараат совет, одредена помош или информација која им е потребна. Возилото ќе биде опремено со сите потребни обрасци и документи, потребни за функционирање на овие мобилни полициски станици.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска заедно со градоначалниците на Град Скопје, Петровец, Арачиново, Илинден и Гази Баба, Коце Трајановски, Борче Митевски, Ибраим Ајвази, Жика Стојановски и Тони Трајковски во придружба на претседателите на општинските совети го промовираа новиот проект „Мобилни полициски станици“. 

- Секоја мобилна полициска станица ќе има точно утврдена агенда во соработка со локалната самоуправа. Граѓаните ќе бидат информирани во кој дел од денот мобилната полициска станица ќе биде во нивното населено место за да може да се обратат до полициските службеници, да побараат совет, да побараат одредена помош и да побараат информација за сето она што им е потребно, изјави Јанкулоска.

Вработените во МВР, како што рече, ќе постапуваат по сите прашања кои се во нивна надлежност.

- Во случај граѓаните да имаат потреба од информација во врска со друга институција, вработените во МВР ќе настојуваат да им излезат во пресрет, правејќи линк меѓу институциите и граѓаните, изјави министерката Јанкулоска.

Градоначалникот Трајковски потенцираше дека едно од барањата на граѓаните кое произлегло од состаноците на урбаните и месни заедници е формирањето мобилни полициски патроли. Според него, ќе се зголеми комуникацијата меѓу вработените во МВР и граѓаните, а ќе има подобрување и на квалитетот на извршувањето на услугите.

- Општината во реализацијата на овој проект помага со обезбедување простории во урбаните и месните заедници за одржување средби со поголеми групи на граѓани. Во проектот ќе бидат вклучени и секретарите на урбаните и месни заедници кои преку соопштенија ќе ги информираат граѓаните во кое место и во кое време мобилните полициски станици ќе бидат присутни во нивното населено место, изјави Трајковски.