Груевски: Од наредната година почнува реализацијата на марината и пешачката патека до Канео

Изградбата на пешачка патека од центарот на Охрид од пристаништето до зад Св. Јован Канео и на марината се дел од инфраструктурни проекти значајни за Охрди кои се дел од програмата на Владата, изјави премиерот Никола Груевски по пуштањето во употреба на  реконструираниот локален пат од горно до долно Лакочереј, Охридско.

- Синоќа со градоначалникот и со министерот за транспорт кај мене во канцеларијата имавме средба за деталите за неколку проекти значајни за Охрид. Една од нив е пешачката патека од центарот на Охрид од Пристаништето до некаде зад Канео. Сега треба да почне реконструкција, односно да почне изработка на проект за што министерот за транспорт ќе започне процедури и некаде за од прилика една година отсега или година и неколку месеци да започне градбата на оваа патека и да заврши до крајот на 2016 година. Разговаравме и за марината за која што ќе требаат сериозни подготовки и се надевам некаде од 2017 ќе почне и ќе заврши градбата, рече премиерот Груевски.

Проектот за изградба на марина во Охрид е во фаза на идејно решение и треба да почне да се реализира по фази од наредната година. Практично станува збор за адаптација на постојното градско пристаниште при што треба да се направат два дополнителни крака на пристаништето. Повик за изготвување на главен проект треба да се распише во 2015 и ќе се изработи физибилити студија. Во 2016 година ќе се знае дали има интерес за јавен-приватен партнер согласно програмата, и доколку има, проектот ќе се реализира по пат на јавно-приватно партнерство, по што се очекува во 2018 година целосно да биде завршена изградбата и реконструкцијата на постојното пристаниште.

И за изградбата на пешачка патека до Канео, прелиминарните подготовки ќе почнат во 2015 година.