Пуштена за сообраќај првата делница од реконструираниот булевар „Трета Македонска бригада“

Премиерот Никола Груевски, заедно со градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски денеска официјално ја отвори за сообраќај првата делница од проширениот и реконструиран булевар „Трета Македонска бригада“ во Скопје.

Булеварот „Трета Македонска бригада“, нагласи во обраќањето Груевски, во минатото беше тесна сообраќајница, со две ленти и до одреден степен не дозволуваше брз проток на возила.

- Денес, после реконструкцијата и новите градежни зафати, веќе е широк булевар со 4 сообраќајни ленти, целосно осветлени, со голем средишен зелен простор и странични тротоари, од кои едниот вклучува и додатен зелен простор, пешачка и велосипедска патека...Денес е булевар што нуди функционалност и побрз протол на возила, кој му дава нова свежина и нова убавина на Градот Скопје, рече премиерот Груевски, додавајќи оти Скопје продолжува да се гради, во секоја населба се подобрува инфраструктурата, водоводот, канализацијата, секаде се уредува со ново зеленило, се поставува осветлување, со цел да се задоволат потребите на граѓаните за урбано живеење. Нагласи дека Владата останува партнер и поддржувач на секој добар проект, на секоја Општина и на секој градоначалник кој сака да работи и сработи нешто повеќе за своите граѓани.

Претседателот на Владата потсети дека пред 23 години, граѓаните со полна национална свест донесоа одлука за независна и самостојна Република Македонија. Ваквата одлука, подвлече, претставуваше логичен континуитет на борбата на нашите предци за своја држава.

Оваа национална свест, истакна Груевски, остана присутна во овие 23 години самостојност, исполнети со многу победи, но и уште повеќе предизвици за македонскиот народ и држава.

- Знаеме да кажеме дека секоја генерација има своја борба. Борбата на нашата генерација меѓу другото е да обезбеди просперитет и благосостојба, да остави на идните поколенија подобро место за живеење. За да успееме во тоа потребно е многу работа и инвестирање во сите области во општеството, вклучително иинвестирање во инфраструктурата и транспортната мрежа, бидејќи тоа претставува инвестирање во подобра бизнис клима во стопанскиот раст на државата, во непречен и брз проток на лица и ствари и воопштo во подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, рече премиерот.

Градоначалникот Трајановски потенцира дека булеварот „3-та Македонска бригада“, е проширен и реконструиран на потегот од булеварот Србија до улицата „Фрањо Клуз“ во должина од 1.243 метри. Вкупната вредност на проектот за проширување и реконструкција во прва фаза, информираше, изнесува 147,2 милиони денари. Градот Скопје за изградбата на оваа значајна делница потроши 133 милиони денари, а за осветлување со 78 столба во висина од по 10 метри, на кои се поставени 122 светилки, вложени се 6,2 милиони денари со ДДВ.

- Од двете страни се изградени тротоари покриени со бекатон плочки, на вкупна површина од 9.200 квадратни метри. Поставена е атмосферска канализација во должина од 1.300 метри со променлив профил, појасни градоначалникот на Скопје.

Инаку, од левата страна на булеварот тротоарот е широк 1,5 метри, а од десната е оформен зелен појас, велосипедска и пешачка патека. На средината на новопроширениот коловоз е изградена жардиниера со ширина од 5 метри, а уредено е и странично зеленило. Вкупно е уредена зелена површина од 12.000 квадратни метри, поставена е хидрантска мрежа во должина од 2.900 метри, со 118 прскалки и систем капка по капка со должина од 5.500 метри. За уредување на зеленилото Градот Скопје има вложено 8 милиони денари.