Од идната учебна година Кембриџ програмата од четврто до шесто одделение

Од идната учебна година Кембриџ програмата се воведува и за учениците од четврто до шесто одделение. Тие ќе ги изучуваат предметите математика и природни науки по оваа програма.

Со ова се реализира втората фаза за воведување на Кембриџ програмата во македонскиот образовен систем, откако на почетокот на оваа учебна година по оваа програма учат децата од прво до трето одделение.

Договорот за продолжување на соработката со Меѓународниот центар за наставни програми Кембриџ денеска беше потпишан во Владата на Република Македонија во присуство на министерот и на заменик-министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми и Спиро Ристовски, заменик директорката на Бирото за развој на образованието Ајше Селмани и генералниот директор на Меѓународниот центар Кембриџ, Мајкл О’Саливан.

Договорот опфаќа испорака на наставните програми по кои ќе се изработуваат учебниците и обуки за наставниците.

- Република Македонија е единствената земја во регионот којшто го воведува Кембриџ образовниот систем. Се работи за најсовремени наставни програми и учебници кои содржат нов интегративен концепт за изучување на предметите преку поголемо научно истражување од страна на наставниците и учениците што, пак, ја развива довербата и критичкото мислење кај учениците, истакна министерот Адеми пред потпишувањето на договорот.

Според генералниот директор на Меѓународниот центар Кембриџ, Мајкл О‘Саливен, она што дава поттик да се продолжи со реализација на проектот е податокот дека 90 проценти од наставниците кои биле обучени по новите програми би ја препорачале обуката и на своите колеги.

- Тоа е многу важен индикатор за успехот на овие промени. Она што го видовме при посетата на училиштата во Македонија не направи полни со доверба и оптимизам за иднината на спроведувањето на оваа нова програма. Видовме наставници полни со ентузијазам кои подучуваат на нов начин и видовме деца кои исто така беа полни со ентузијазам учеа на нов начин, нагласи О‘Саливен.

Кембриџ програмата почна да се применува во Македонија од оваа учебна година по предметите математика и природни науки од прво до трето одделение. За таа цел беа обучени околу 5.000 наставници. Кембриџ програмата е имплементирана во 160 држави и во околу 9.000 училишта.