Владата ќе го унапредува системот за превенција од насилство
Владата ќе го унапредува системот за превенција од насилство особено сторено со оружје, кое е во посед и на приватни и на службени лица. Формирана е работна група која треба да ги даде решенијата, а Владата на наредната седница да излезе со конретни решенија.
Ова го соопшти денеска портпаролот на Владата на Република Македонија Александар Ѓорѓиев, кој истакна дека целта е да се оди чекор понапред во превенирање на ситуации каде може да се изврши насилство со употреба на оружје кое што се поседува од страна на едно службено лице, а кое што му е доделено согласно закон и согласно овластувањата што ги има за вршење на своите професионални задачи.
- Формирана е посебна работна група од страна на Владата во која се вклучени претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и останати институции кои во рок не подолг од една недела треба да изготват информација и да ја известат Владата околу можностите за креирање нова законска регулатива во оние институции каде што таа не пости или, пак, унапредување и квалитативно засилување на постоечката законска регулатива, рече Ѓорѓиев.
Појасни дека ќе се предвидат определени ситуации што ќе значат превенција од сторување насилство, односно оние службени лица кои во извршувањето на своите службени задачи по сила на закон имаат допир со оружје во случај доколку евентуално би биле пријавени дека се сомничат за определено дело кое што во себе содржи елемент на насилство во соодветна процедура да биде утврдено, да биде ограничена можноста за нивен допир со оружјето кое што службено го поседуваат и кое што го употребуваат во вршење на своите службени задачи.
Во информацијата што ја очекува Владата во период од една недела би требало да бидат разработени конкретно сите детали и модалитети во смисла кои законски акти би требало да бидат променети, надополнети, квалитативно засилени. Ќе се прецизира и кои подзаконски акти би требало да бидат разработени, да се предвиди соодветната постапка во определени ситуации како би дошло до ограничување на пристапот до оружје на едно службено лице кое би се сомничело за определено дело што вклучува елемент на насилство. Треба да бидат разработени и постапки во врска со оваа материја од страна на државната управа, на институциите или, пак, од страна на судската власт во смисла на предвидување на процедурата, на процесните дејствија со цел оневозможување допир со оружје од страна на едно службено лице за кое што постои сомнение дека е извршител, сторител, учесник во определено дело каде што има елемент на насилство.