Цветков: Од идната година субвенции на каматите за ИПАРД кредитите
Субвенционирање на каматните стапки за поголемо искористување на ИПАРД средствата, најави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.
Како што рече Цветков на Агро-бизнис форумот, оваа нова владина мерка ќе биде наменета исклучиво за ИПАРД корисниците, а ќе почне да се спроведува од наредната година.
- Со оваа мерка ќе бидат опфатени корисници на ИПАРД средства кои имаат потпишано договор со Платежна агенција и ќе важи за сите банки во Македонија. Државата ќе субвенционира половина од каматната стапка која не може да биде поголема од осум отсто и за вредност на кредит не поголем од 500.000 илјади евра, објасни министерот.
За подобро да се разберат овие мерки, Секторот ИПАРД при Министерството за земјоделство од вчера почна со одржување инфо денови низ повеќе градови низ Македонија. До 25 декември, земјоделците и сите заинтересирани ќе можат да добијат конкретни информации за можностите што се нудат преку ИПАРД Програмата, Гарантниот фонд и субвенционирањето на каматната стапка.