Дополнителни два денари субвенција за производителите на лубеници
Владата на денешната седница донесе одлука за дополнителна финансиска поддршка за производителите на лубеници. Се работи за дополнителна субвенција од два денари за килограм продадени лубеници на регистрирани откупувачи. Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои имаат засадени површини со лубеници и се корисници од подмерката 1.5 за продадени лубеници на регистрирани откупувачи.
Услов за добивање на дополнителната субвенција е производството да е продадено на регистрирани откупувачи во периодот од 03.07.2017 до 15.07.2017 година, по откупна цена не повисока од 4 денари по килограм и за истото да е извршена исплата.
При пресметката на директните плаќања се земаат во предвид само количините кои не надминуваат 50.000 килограми по хектар.
Со дополнителната субвенција од два денари за килограм, ќе се ублажи ценовниот шок што во моменов постои со откупната цена на бостанот. Дополнителната субвенција ќе овозможи стабилизирање на пазарот со откуп на лубеници во периодот од 03.07.2017 до 15.07.2017 година.
Изминативе денови министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, имаше интензивна комуникација со производителите на лубеници. Доцна синоќа на терен се сретна со производителите и со откупувачите на лубеници, од што произлегоа предлози за решавање на проблемот со откупот. Како резултат на средбата, итно на дневниот ред на денешаната седница на Влада беше предложена и донесена мерката за дополнителна субвенција.