Министерот Попоски се сретна со данскиот амбасадор Брил

Министерот на надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски днеска го прими нерезидентниот амбасадор на Кралството Данска во Република Македонија со седиште во Виена, Торбен Брил.

На средбата, како што соопшти Министерството за надворешни работи, беа разгледани активностите поврзани со евроинтегративниот процес на Република Македонија во претстојниот период на шестемесечното претседавање на Данска со ЕУ.

Амбасадорот Брил, накратко се осврна на приоритетите на Данското претседателство, нагласувајќи дека активностите ќе бидат насочени кон актуелните економски и финансиски предизвици со кои се соочува Европската унија, со цел постигнување одржлив развој и макроекономска стабилност на Унијата, како и зајакнување на единствениот европски пазар и евро-валутата.

Министерот Попоски изрази надеж дека Данска, како докажан пријател на процесот на проширување, и во претстојниот период ќе манифестира отворена поддршка за натамошна интеграција на Република Македонија во Европската унија. Притоа, нагласи дека Република Македонија, по шестгодишен кандидатски статус и трипати добиена препорака од Европската комисија, е целосно подготвена и заслужува да ги отпочне преговорите за членство во ЕУ. Изрази очекување дека Данското претседателство ќе покаже проактивен пристап кон процесот на проширување, со што уште еднаш ќе ја потврди својата принципелност и соодветно ќе го валоризира исполнувањето на Копенхашките критериуми, вреднувајќи ја секоја земја-кандидат според индвидуалните постигнувања.

Средбата на министерот Попоски и амбасадорот Брил е во рамките на посетата на амбасадорот, по повод презентација на програмата и приоритетите на Данското претседателство во Република Македонија.

Амбасадорот Брил денеска ќе ги презентира приоритетите на претседателството пред членовите на Владата на Република Македонија, во Собранието на Република Македонија пред членовите на Комисијата за европски прашања, Комисијата за надворешни работи и Националниот совет за евроинтеграција, а во текот на утрешниот ден и преку прес- конференција во Делегацијата на ЕУ.