Како вели Платон: „Цената која добрите луѓе ја плаќаат за индиферентноста кон јавните политики е над нив да владеат лоши луѓе“.
Добри луѓе, почитувани присутни, почитувани граѓански активисти, претставници на невладиниот сектор, претставници на Македонскиот центар за меѓународна соработка, почитувани претставници на Цивика мобилитас, на Швајцарската агенција за развој и соработка, на Шведскиот институт за јавна администрација,
Вие активно учествувате во реформските промени со коишто ја поставивме и ја движиме Република Македонија стабилно на патот на Европската унија на НАТО.
Вашето теренско (грас-рут) искуство, долгогодишната работа, анализите за клучни состојби во државата и од директен интерес за граѓаните на Република Македонија, помогнаа кога го создадовме реформскиот План 3-6-9. А, еве и овде ќе се обврзам, иако соработката со голем дел од вас e интензивна, дека граѓанскиот сектор останува активен дел и од практикувањето на политиките на Владата, и од носењето промени на сите нивоа.
Постигната е свест дека невладиниот сектор и граѓанските организации се една од најважните алки меѓу граѓаните и системот.
Зошто? Затоа што ни се неопходни сите можни, и надворешни, и внатрешни механизми, со коишто промените се можни.
Проектот “Граѓаните за промени“, на МЦМС и на донаторите од Швајцарија и Шведска Владата на Република Македонија силно го поддржуваме. И ќе одам и чекор понатаму. „Граѓаните за промени“ не е само проект. Беше и идеја кога застанавме заедно во одбраната на демократските и европските вредности, а еве веќе една година, за мене како премиер и за оваа реформска Влада стана политичка идеологија.
Знаете дека тоа подразбира подготвеност за алоцирање на “моќта“ до општеството - тоа “моќ“ под наводници, зашто власта никако не би смеела да се подразбира како моќ, туку како дадена доверба од граѓаните и должност кон граѓаните.
Реков и ќе повторам, се развластивме кон граѓаните и кон општините. Да, Владата е политичка како што предвидува нашиот политички систем, но фокусот мора да биде кон граѓанските интереси.
Затоа, ги вклучивме мерките од „Документот на граѓанските организации за итни демократски реформи“, познат како „Блупринт“, низ серијата консултации со претставници од граѓанскиот сектор.
Уште во првите месеци, Владата го измени својот Деловник за работа и го продолжи рокот за коментирање на ЕНЕР од 10 дена, на 20 дена, овозможувајќи двојно повеќе време за коментирање и поголема достапност на сугестиите, коментарите и критиките.Ги усвоивме амандманите на Одлуката за формирање Совет за соработка и развој на граѓанскиот сектор - настапивме проактивно кон оваа идеја за воспоставување вистински заеднички Совет на граѓанските организации и на Владата и веќе се назначени 16 членови во Советот од граѓанските организации и 15 членови од институциите, а за слабостите што излегоа на површина се подготвени предлог препораки за подобрување на Одлуката.
Во врска со Стратегија за соработка со и за развој на граѓанскиот сектор 2018-2020 година, дадовме оценка на Акциониот план и веќе има повик до граѓанските организации да се вклучат во работните групи за подготовка на новата Стратегија.
Советот за соработка е најјасниот пример на директното партнерство со граѓанксиот сектор, што вие сами го создадовте како модел.
Со цел да осигураме дека Советот и Стратегијата ќе бидат поставени на здрава основа, ЕУ обезбеди финансиска поддршка и услови за имплементација, но и алатки за следење на имплементацијата коишто се јавни и достапни за сите .Владата започна да развива Адресар на граѓански организации, во форма на отворени податоци што ќе ги користат институциите во текот на процесот на креирањето политики и одлуки. Со цел да се осигура дека сите граѓански организации коишто се заинтересирани, имаат можност да придонесат, Владата подготвува Формулар за регистрација, што ќе биде јавен, но исто така ќе ги повика сите регистрирани граѓански организации во Македонија, да бидат дел од базата на податоци.
Воведуваме и пракса „Отворени денови за иницијативи од граѓанските организации“, еднаш месечно, кога ќе се презентираат иницијативи чијшто фокус се демократски и економски просперитет на Македонија, она што е клучна владина определба. Го заокружуваме, според последните информации датумот за првиот состанок, некаде на почетокот на јуни.
Посветени сме многу на проектот Отворено владино партнерство 2018-2020 и на консултативни средби со граѓанското општество за сите важни прашања за граѓаните од областа на секојдневниот живот, во унапредување на институционалните услуги, но и за клучните стратешки државни интереси.
Во интерес на процесот, треба да се биде внимателен околу информациите за разговорите што течат околу спорот што ги кочи нашите евро-атлантски интеграции, но вие сте партер на Владата и сакам и со вас да споделам.
Република Македонија никогаш не била поблиску до изнаоѓање достоинствено решение на спорот со Република Грција коешто истовремено ќе го зачува и зајакне нашиот идентитет.
Постои можност за такво решение за кое што последниот збор ќе го имаат граѓаните на Македонија, на референдум.
Покажав лидерство во тешкиот проект Вистината за Македонија, дадовте и доверба и поддршка затоа што бев искрен со вас и соработував со отворено и принципиелно.
Сите процеси што следуваа понатаму, во коишто чекоревме заедно, се наш заеднички успех.
Јас сум подготвен за нашата држава повторно да покажам лидерство за заедничко добро на сите граѓани, за напредок и за развој на држава, сочувувајки го дигнитетот, идентитетот и суверенитетот на нашите граѓани и нашата држава. И ве повикувам да учествувате, да се приклучите во овие историски моменти, повторно, заедно да ја обезбедиме иднината на државата, и да се ослободиме од спорот, од каменот што повеќе од 25 години ја влечеше Македонија надолу.
Потребно ми е и мене како премиер и на Владата, да продолжиме со активната, двонасочна отвореност и соработка и да дадете поддршка како граѓанско општество за економски развој и просперитет на Република Македонија. Вашата проактивност во нудење на решенија е клучна.
Можни се, достижни се и датум за ЕУ и покана за НАТО.
Ако во тоа успееме, повторно, тоа ќе биде заеднички успех.
„Граѓани за промени“, ви благодарам што ја препознавте вашата должност, прво како достоинствени граѓани на оваа држава, а потоа и како организации што придонесувате во обезбедувањето светла иднина за нашата заедничка Република Македонија.
Продолжуваме заедно!