Премиерот Заев: Имаме историско решение со кое го јакнеме идентитетот македонски, да кажеме ДА за македонската иднина

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со членовите на Владата на Република Македонија одржа прес конференција во врска со договорот за спорот кој Република Грција го има со уставното име на Република Македонија.

Во прилог на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на Премиерот Заев во целост:

ДА, ЗА МАКЕДОНСКАТА ИДНИНА!

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Денеска, како никогаш претходно, сум исполнет со чувство на искрена и основана надеж за нашата иднина. За иднината на нашите граѓани, и за сегашните и идните поколенија. Таа иднина денеска, како никогаш претходно, можеме да ја видиме на хоризонтот: Во заедницата на државите на Европската Унија и како еднаква членка меѓу сојузниците на НАТО.

Зборувам за онаа надеж и оној оптимизам во нас што ни кажува дека доаѓа подобро време за Македонија, оптимизам кој мотивира да продолжиме да се движиме, да продолжиме да работиме, да продолжиме да се бориме.

Затоа што шансата е тука и мора да се искористи - храбро и смело, само така е патриотски.

Се осмеливме, затоа што не ни беше сеедно, затоа што не сакаме порази, сакаме победи.

Ние се определивме за иднина. Затоа имаме успех и стигнавме денес тука.

Почитувани мои сограѓани,

ИМАМЕ ИСТОРИСКО, ВЕКОВНО РЕШЕНИЕ.

Решавајќи го спорот меѓу Република Грција и Република Македонија, градиме пријателство меѓу двете земји и двата народи, пријателство кое никогаш не било поголемо.

Во нашите раце е клучот за отворање на европска перспектива за економски развој и подобар живот за граѓаните. Перспектива и место во заедницата на европските народи за најдобра заштита на достоинството, идентитетот и иднината на македонските граѓани.

Решаваме две-и-пол-децениски спор за да ја извлечеме нашата земја од стегите на изолацијата.

Решаваме 25-годишен спор којшто земјата ја влечеше надолу. Кога сите мислеа дека нема излез, ние се одваживме и ТРГНУВАМЕ НАПРЕД.

СО РЕШЕНИЕТО ГО ЈАКНЕМЕ ИДЕНТИТЕТОТ МАКЕДОНСКИ.

Македонски јазик, македонски народ, Македонец, Македонка, заштитени и зајакнати, еднаш засекогаш. Стоиме исправени пред нашите гордости - пред Кирил и Методиј, Климент и Наум, Крсте Петков Мисирков, пред Гоце Делчев, пред Блаже Конески, Кочо Рацин.

Нема веќе ФИРОМ. Нема веќе меѓународни договори во кои се избегнува македонскиот јазик. Решаваме вековно прашање. Свои сме на своето и тоа конечно e признато од сите наши соседи, од Република Грција и од меѓународната заедница. Со овој договор ќе биде потврден и зајакнат македонскиот етнички и културен идентитет, еднаш засекогаш.

Нашата добивка е бесценета - зајакнат идентитет и гаранција за безбедност, стабилност и просперитетна иднина на нашите граѓани.

Нашиот влог во компромисот е дефинирање на прецизирано, македонско име за нашата држава. Име кое е достоинствено и географски прецизно - Република Северна Македонија (со превод, на сите јазици).

Името е предвидено да биде за севкупна употреба, а ќе се прецизира со амандман во Уставот.

Договорот предвидува потврда на македонскиот јазик во Обединетите Нации.

Македонски, Macedonian, без фусноти. Националноста е македонска / граѓани на Република Северна Македонија.

Или на англиски: Macedonian / Citizens of the Republic of North Macedonia.

Договорот ќе биде презентиран пред сите политички субјекти во државата, а потоа потпишан од претставници на двете влади, после што следува ратификација во Собранието.

Веднаш после ратификацијата, Република Грција ќе испрати писмо до Генералниот секретар на НАТО со кое ќе го извести дека меѓу двете земји веќе нема спор и дека не постојат пречки Македонија да добие покана за членство во НАТО.

Исто така, Република Грција ќе испрати писмо до претседателот на Европскиот совет, со кое ќе го извести дека веќе нема пречки и дека препорачуваат да добиеме датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Силно веруваме дека Европскиот совет на 28 јуни ќе донесе одлука за почеток на преговорите за Македонија.

Силно веруваме, на Самитот на НАТО на 12 јули во Брисел, Македонија ќе добие покана за полноправно членство, како 30-та членка на Алијансата.

Почитувани граѓани, ова е вистинското решение. До него стигнавме преку посветен, одговорен и патриотски ангажман.

Создадовме историска можност за успех на нашите граѓани. Сите детали се тука, пред очите на јавноста, а ГЛАСОТ НА ГРАЃАНИТЕ Е КОНЕЧЕН.

Како што ветивме, со договорот се гарантира дека на есен ќе има референдум.

Граѓаните ќе одлучат за иднината!

На тој референдум, нам, на граѓаните на Република Македонија ни претстои да испишеме ново поглавје во историјата на нашата земја. Новиот Илинден, кој ги повикува сите: државниот врв, политичките лидери на опозицијата и на власта, граѓаните, да бидат дел од иднината.

Да кажеме ДА, за македонската иднина.

Откако нашите граѓани ќе го потврдат овој историски договор, Република Грција, во своето Собрание, кон крајот на годината ќе го ратификува договорот и ќе го ратификува протоколот за нашето членство во НАТО.

Со ова ставаме печат на нашето партнерство и пријателство. Тоа се единствени опции за добронамерни соседи. Партнерство и пријателство што ќе бидат ГАРАНЦИЈА ЗА НАТО И ЕУ, ГАРАНЦИЈА ЗА НАПРЕДОК.

Почитувани граѓани,

Со решавање на прашањето за името, стануваме членка во НАТО. На 30-от јарбол пред НАТО ќе се вее македонското знаме.

Македонија еднаш засекогаш ја ставаме на мапата на стабилни и развојни земји. Нема назад.

Ќе застанеме рамо-до-рамо со нашите западни партнери.

Стабилна Македонија, членка на НАТО значи гаранција за безбедноста и стабилноста на земјата. Безбедноста гарантирана со членство во НАТО е гаранција за инвестиции и економски развој.

Членството на Македонија во ЕУ гарантира силни институции, правна држава, зголемена мобилност и еднакви шанси за нашите млади. Младите од Македонија ќе бидат еднакви со своите врсници од ЕУ, нема да има потреба да се вадат пасоши од други држави.

Почитувани мои сограѓани,

Не е лесно ова прашање, но во Македонија има лидерство кое исчекори напред, одлучно.

Доста беа празни зборови. Во шупливото ехо на празните зборови, изминаа 25 години.

Се родија и се изгубија генерации во бизличноста на празните зборови, на неодлучност и себични калкулации. 

Македонија нема веќе генерации за губење.

Покажавме дека сме подготвени да го преземеме лидерството и одговорноста и затоа повикувам на граѓанска одважност.

Повикувам на обединување околу врвните државни и национални приоритети - ги повикувам претседателот на државата, опозицијата и сите политички субјекти во земјата. Да дадеме максимална поддршка за прогрес на нашата земја и да донесеме силна одлука.

ДА, за македонската иднина!

Приклучете се, учествувајте, заедно да ја поведеме Македонија напред, кон светот и кон подобар живот за сите граѓани. Тоа е нашата одговорност, за тоа им служиме на граѓаните.

Ви благодарам.