Средба на МНР Никола Димитров со државниот министер за Европа во германското МНР, Михаел Рот

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров денеска оствари средба со државниот министер надлежен за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот.

Министерот Димитров го информираше гостинот за актуелните политички случувања во земјата, поврзани со претстојните чекори за целосна имплементација на постигнатиот Договор за решавање на билатералниот спор со соседна Грција, како и активностите за реализација на надворешно политичките приоритети на Република Македонија. МНР Димитров го потенцираше и задоволството од препознаениот напредок на нашата земја, кој беше јасно валоризиран преку одлуките донесени на последните Самити на Европската Унија и НАТО. Во таа смисла изрази благодарност за силната и недвосмислена поддршка од Берлин во овој процес, нагласувајќи дека “Германија е наш голем пријател и партнер во политичка и економска смисла, со кој споделуваме слични интереси и визија за иднината на нашиот Регион.“

Државниот министер Рот укажа дека Република Македонија направила многу во изминатава година и честитајќи за посветеноста и лидерството демонстрирани во изнаоѓањето решение за повеќедеценискиот спор со Грција, истакна дека овие напори овозможиле дофатлива и јасна европска и евроатлантска перспектива за земјата и нејзините граѓани и можност што треба да биде препознаена.