Втор донаторски состанок на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам

Во просториите на Владата на Република Македонија, денеска, во организација на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот (НКСНЕБПТ) се одржа Втор донаторски состанок на кој присуствуваа претставници на амбасадите, меѓународните организации  и невладиниот сектор во земјата.

На состанокот, беа разгледани тековните активности на Националниот комитет и беше констатирано дека треба да се интензивираат средбите со цел  поуспешна координација на проектите во кои меѓународните партнери и граѓанските организации учествуваат, а кои подоцна се имплементираат во согласност со Акциските планови.

Во своето обраќање пред присутните, Националниот координатор Борче Петревски, кој беше придружуван од заменикот Џеладин Ајвази, изрази благодарност и признание за големата посветеност и поддршка од страна на меѓународните партнери граѓанските организации во Република Македонија, кои придонесуваат  во работењето на националното координативно тело и планираните активности.

„Целта на состанокот е да ги ажурираме и усогласиме  активностите  на меѓународните партнери и организациите од граѓанското општество со цел да се согледаат приоритетите за поефикасна соработка, поквалитетни резултати и долгорочен ефект од активностите во областа на превенцијата и спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот” рече Петревски.

Беше констатирано дека Владата на Република Македонија, со приоритетните цели кои се планирани за периодот 2019-2022 година, ја потврдува посветеноста на  превенцијата и сузбивањето на овие закани, со координирана акција  со стратешките партнери и нашите соседи во регионот.

Како приоритет, во идните активности беше нагласено и поактивното вклучување на НВО секторот во конкретни проекти, со цел усогласување и унапредување на механизмите за постигнување комплементарност.

Учесниците на Донаторскиот состанок ги презентираа  своите тековни и идни проекти,  а кои се однесуваат на спречување на радикализацијата и насилниот екстремизам, кои можат да водат кон тероризам, поздравувајќи ја иницијативата за интензивирање на соработката во иднина, со што како што оценија ќе се остварат стратешките приоритети и цели на локално, национално и регионално ниво.