Фетаи - Ларсон Џаи: Борбата против корупцијата и владеењето на правото како темелни вредности на ЕУ

Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска во просториите на Владата ја прими амбасадорката на Кралството Шведска, Н.Е. Ами Ларсон Џаин.

Г-дин Фетаи и се заблагодари на амбасадорката за соработката и безрезервната поддршка на Кралството Шведска за Северна Македонија.

Со амбасадорката се реализираше отворена дискусија за приоритетите на Владата, како и за предизвиците со кои се соочуваме во процесот на целосна интеграција на Северна Македонија во Европската Унија. Соговорниците се согласија за потребата од доловување на моментумот на проширување на Европската унија и за потребата од зголемување на напорите на институциите во борбата против корупцијата и владеењето на правото, како темелни вредности на ЕУ.

Амбасадорката беше информирана за активностите на Кабинетот на вицепремиерот, особено во борбата против корупцијата, вклучително и за активностите на Меѓуресорското тело во рамките на Националната стратегија за борба против корупцијата, Стратегијата за транспарентност и други стратешки документи на Владата.