Премиерот Заев на неформална дискусија со млади европски социјалисти: Дијалогот со младите овозможува креирање политики за нив со европски вредности

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со претставници од Младите европски социјалисти (Young European Socialists - YES), со кои разговараше за младинските политики, за идните цели и мерки за подобрување на животниот стандард на младите. Заедно со домаќините од Социјал-демократската младина на Македонија, на средбата со премиерот Заев учествуваа членови од Президиумот на YES кои доаѓаат од различни европски држави. 

На неформалната дружба и дискусија со младите социјалисти и социјал-демократите, премиерот Заев потсети дека една од главните задачи на Владата е да ги врати младите професионалци во земјата, за да придонесат кон пристапување во Европската Унија и да ја трансформираат Македонија во модерна и просперитетна земја.
 
„Остануваме посветени на енергијата на младите и ги поддржуваме во секој поглед. Нивните амбиции да ги споделат новите вредности можат да бидат придонес кон Европа, на која сите ние се стремиме, како еден од највлијателните фактори на глобално ниво“, истакна премиерот Заев.
 
Објаснувајќи ја потребата за следење на европските младински политики и отворање на можностите за младите луѓе во Македонија, премиерот Заев ја издвои Младинската гаранција како една од активните мерки за вработување на младите, чие воведување ја прави Македонија единствената земја во регионот што не е членка на Европската Унија да ја имплементираа оваа младинска мерка.
 
Во областа на образованието, премиерот Заев ги истакна преземените мерки со цел создавање на квалитетно образование, кое им дава активно знаење и практични вештини, со кои младите ќе придонесат кон личен професионален развој и севкупен развој на општеството.
 
„Создаваме нов модел на образование и на организирање на учениците и студентите, со што ја враќаме моќта на учениците и ја зацврстуваме автономијата на универзитетите“, рече премиерот Заев на средбата со младите социјалисти и социјал-демократи.
 
Прашан за регионалната политичка ситуација и улогата на Македонија во регионалната политика, премиерот Заев рече дека Преспанскиот договор донесе нова реалност во регионот на Западниот Балкан.

„Ние повеќе не може да игнорираме дека живееме во свет во кој сме насочени еден кон друг. Реално е дека ние мораме заеднички да ги градиме темелите на взаемно пријателство и взаемни напори за владеење на демократијата, мирот и просперитетот во нашите земји и во регионот. Нашиот регион е дел од Европските заеднички вредности“, истакна Претседателот на Владата на РМ Заев, и потенцираше дека политиките за едно општество за сите што ги спроведува македонската Влада креираат сигурност, правда, напредок и максимално почитување на правата и достоинството на сите граѓани во Република Македонија.