Премиерот Заев, министерот Сугарески и в.д. градоначалникот на Охрид Георгиевски ја посетија германската компанија „Костал Македонија ДООЕЛ Охрид“: Планирани се нови инвестиции од 24 милиони евра и над 200 нови вработувања

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и со в.д. градоначалникот на Oпштина Охрид, Константин Георгиевски вчера ја посетија фабриката „Костал“ Македонија ДООЕЛ Охрид.

При обиколката на постоечкиот производствен погон, којшто се протега на површина од 5,800 метри квадратни и дополнителни 6000 метри квадратни магацински простор, раководството на компанијата, односно извршен потпретседател Крис Сандер и директорот Виктор Мизо го запознаа премиерот Заев со начинот на изработка на електронските и мехатронските софистицирани компоненти коишто се употребуваат во автомобилската индустрија.

Исто така, раководството на компанија, ги информираше премиерот Заев и министерот за транспорт и врски Сугарески дека нивни постојни клиенти се BMW, Daimler, Porsche, Tesla и Rolls Royce. Од оваа година, „Костал“ ќе изработува и проекти за Audi, Volkswagen, Seat и Skoda.

„Сега сме на самиот почеток од она што сакаме да постигнеме во Република Македонија и од технологиите што сакаме да ги воведеме“, истакна Крис Сандерс, извршен потпретседател на компанијата „Костал“.

 

 

Премиерот Заев, пак, посочи дека германската компанија „Костал“ којашто веќе трета година функционира во Република Македонија, ја надмина висината на инвестицијата, како и бројот на вработени предвидени во договорот за државна помош.

„Компанијата досега инвестирала 29 милиони евра, а во фабриката се вработени 350 луѓе. За истакнување е фактот дека просечната бруто плата изнесува повеќе од 730 евра или нето платата е 495 евра, што е близу до просекот којшто е амбиција на сите граѓани во Република Македонија“, истакна премиерот Заев.

 

 

На заедничкиот состанок, претставниците на „Костал“ потенцираа дека компанијата придонесува и за развој на туризмот во Охрид. Минатата година 716 од вкупниот број на ноќевања во Охрид биле гости на „Костал“.

Во исто време, тие го поздравија воведувањето на директна авионска линија Охрид - Дортмунд - Охрид, од јули годинава бидејќи централата на „Костал“ во Германија е оддалечена само половина час од Дортмунд. На тој начин, како што посочија од оваа успешна германска компанија, ќе се продлабочи меѓусебната соработка.

Со втората инвестициска фаза, како што најавија од „Костал“ планирани се инвестиции од 24 милиони евра и дополнителни над 200 вработувања до крајот на 2021 година со план до 2025 година да се достигле годишна вредност на производство и извоз од над 250 милиони евра.

„За мене е особено важно што се повеќе странски инвеститори се охрабрени да инвестираат надвор од Скопје. На тој начин, а во тоа во голема мера придонесоа политиките на Владата на Република Македонија, постигнуваме рамномерен регионален развој. Сите граѓани за нас се подеднакво важни и сите треба да добијат еднакви можности за вработување и повисоки плати“, додаде премиерот Заев.

Истовремено од компанијата најавија и дополнителна инвестиција во проектот ОBC (On Board Charger), во висина од околу 10 милиони евра. Станува збор за најсофистициран производ во гамата на Костал наменет за електрични возила. Според бизнис планот на компанијата, 15% од потребните репроматеријали во вредност од 45 милиони евра, се планира да бидат купени од домашни компании во Република Македонија и на тој начин ќе се овозможи зголемена соработка со локални добавувачи.

При посетата се разговараше за дополнителни мерки и чекори кои треба да се преземат за подобрување на инвестициската и бизнис клима и начини на дополнително зголемување на конкурентноста на македонската економија.

„Костал Груп“ е формирана во 1912 година и претставува семејна компанија со традиција од 4 генерации. Остварува деловни активности во 21 земја на 5 континенти. Ширум светот има над 20 илјади вработени и годишен обрт од 2,8 милијарди евра.

 


 

Во продолжение, Ви ја пренесуваме во целост изјавата на Премиерот: 

„Согласно договорот за државна помош, компанијата до крајот на минатата година требаше да инвестира помеѓу 20 и 30 милиони евра и да вработи најмалку 300 луѓе. Но актуелната состојба покажува дека овие бројки не само што се достигнати, туку дека се и многу поголеми од предвидените.

Како што ме информираше раководството, компанијата досега инвестирала 29 милиони евра, а во фабриката се вработени околу 350 луѓе. За истакнување е фактот дека просечната бруто плата изнесува повеќе од 730-тини евра или нето платата е 495 евра, што е близу до просекот којшто е амбиција на сите граѓани во Република Македонија.

Нивните амбиции продолжуваат и се очекува зголемување на капацитетите и во финансиски ефекти и во нови работни места.

Костал Македонија ДООЕЛ Охрид, којашто е директна странска инвестиција, е уште еден доказ дека Владата на Република Македонија е посветена на креирање политики коишто придонесуваат и за рамномерниот регионален развој.

Во оваа прилика, би сакал уште еднаш да го повторам ветувањето коешто им го дадовме на моите сограѓани, а тоа е дека 2019-тата ќе биде година на силен економски раст и развој. Ве уверувам дека економски Република Македонија, а наскоро Република Северна Македонија, многу повеќе ќе напредува. Стандардот на граѓаните забрзано ќе расте.

Со зачленувањето на Република Македонија во НАТО и со започнувањето на преговори со Европската Унија забрзано се отвораат економските перспективи за развој на земјата. Затоа силно сме фокусираме на креирање на уште по квалитетни економски проекти.

„Костал„ претставува добра пример и силна мотивација за следните инвестиции во Република Македонија“.