Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, на покана на претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, учествуваше на презентација на Извештајот на Европската Комисија за напредокот на нашата земја во европските интеграции за 2019 година, што пред државниот врв и пред највисоките претставници на судската власт, ја направи амбасадорот на ЕУ во нашата земја Самуел Жбогар.
Во дебатата по презентацијата на извештајот, во која учествуваа и дел од поканетите потпретседатели во Собранието и во Владата, пратеници и лидери на политичките партии, Претседателот на државата Пендаровски Претседателот на Собранието на РСМ Талат Џафери, Претседателот на Владата на РСМ Зоран Заев и потпретседателот на Врховниот Суд на РСМ Фаик Арслани, изразија задоволство од позитивниот извештај на ЕК и од препознаените остварувања што ги постигна земјата од јуни минатата година Европскиот Совет најави старт на преговорите по поглавјата за јуни оваа година.
На дебатата беше истакнато дека за прв пат презентацијата на извештај на Европската Комисија се прави на ваков начин, пред претставници на четирите власти во земјата, како и пред највисоките претставници на политичките партии и институции во земјата, со што се потврдува неподеленото заедништво на политичките елити кога станува збор евроинтеграцискиот процес на нашата земја.
Во продолжение на овој настан, со изјави пред медиумите настапија Претседателот на државата Пендаровски Претседателот на Собранието на РСМ Талат Џафери, Претседателот на Владата на РСМ Зоран Заев, и амбасадорот на ЕУ во земјата Самуел Жбогар.
Во продолжение на ова соопштение, изјавата на премиерот Заев ви ја пренесеуваме во целост:
Денеска сите ние сме горди на уште еден голем успех на нашата земја и на нашите политики за остварување на нашиот стратешки приоритет – членството во Европската Унија.
Амбасадорот Жбогар денеска по 10-ти пат ни презентираше Извештај на Европската Комисија за нашиот напредок кон Европската Унија, вклучувајќи и препораки за старт на преговорите со ЕУ, односно за отворање на поглавјата.
Денес го добивме најпозитивниот извештај до сега откако сме држава кандидатка за членство, со чиста препорака на Европската комисија за почеток на преговорите за членство. За тоа заслужуваме да се израдуваме и да честитаме на сите: Владата, Собранието, сите политички партии и групи кои се вградија во уставните измени и реформите, целото општество, граѓаните. Сработивме многу и имаме резултат.
Во оваа прилика сака посебна благодарност да упатам до амбасадорот Жбогар и до целиот тим на делегацијата на ЕУ во нашата земја, кои несебично учествуваа во поддршката на остварувањето на овие резултати.
Од презентацијата на амбасадорот Жбогар со задоволство ги примивме сите позитивни оценки кои доминираат во Извештајот. Исто така, со внимание ги прифаќаме сите забелешки кои ќе ни помогнат да бидеме подобри и поуспешни.
Јоханес Хан, eврокомесарот за проширување, во своето обраќање по повод извештајот за нашата земја беше дециден – Северна Македонија е „светол пример“ во регионот истакнувајќи ги Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија како одличен начин за зацврстување на добрососедските односи.
Ако се навратиме една година наназад, во заклучоците на Европскиот Совет во јуни 2018 година остана запишано: „Очекуваме отворање пристапни преговори во јуни 2019 година".
Тоа беше силен поттик за нас, за граѓаните, за нашата земја.
Прво, зашто добивме признание за големите, историски одлуки што ги донесовме за само една година од работата на оваа влада, за остварените реформи, и за големата улога што нашата земја ја одигра за релаксирање на ситуацијата во регионот.
За периодот што ни претстоеше добивме домашни задачи и ни беше речено: Испорачајте, и ние ќе – испорачаме!
Ние и без тоа знаевме дека треба да ги завршиме реформите и да го имплементираме Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија. Испорачавме реформи и соработка во целост.
Покажавме дека сме подготвени да носиме храбри, историски одлуки, и да покажеме политичка зрелост и европски манири.
Нашето време во "чекалната" го искористивме за да се подготвиме за преговорите за пристап.
Денес сме подготвени и политички и институционално. По оваа препорака за скоро време ќе го комплетираме и тимот за преговори, а при крај сме и со техничкиот подготвителен скрининг за сите поглавја.
Нашите задачи ги исполнивме од прва до последна, и целосно сме подготвени за почеток на преговорите. Сега, на потег се државите членки и институциите на Европската унија. На потег е Европа да испорача.
Силно веруваме дека заслужуваме одлука и доверба, што ЕУ ќе ја донесе врз основа на нашите заслуги.
Испораката на јасен став за старт на процесот на преговори со отворање на поглавјата е од интерес и на Европската Унија. За улогата на ЕУ како глобален играч, за нејзината надворешна политика, за идните перспективи на регионот.
Отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ е единствената гаранција за одржување на домашната стабилност, и за одржување на реформскиот импулс во Северна Македонија, со позитивни ефекти за целиот регион на Западен Балкан.