Министерството за труд и социјална политика го честита Меѓународниот ден за заштита на детето и уште еднаш ги потврдуваме заложбите дека секое дете ни е важно.
МТСП продолжува посветено да работи на намалување на детската сиромаштија, обезбедување еднакви шанси за секое дете, и подобри услови за живот и ран детски развој во Северна Македонија.
Со социјалната реформа опфатот на деца до детски и образовен додаток го зголемуваме за 20 пати. Нашата цел е да ја намалиме детската сиромаштија којашто во моментот изнесува околу 30%. Истовремено мобилни тимови веќе работат со децата на улица и нивните семејства за нивно вклучување во образовниот процес и на подигнување на свеста за вакцинација.
Кон крајот на минатата година МТСП обезбеди достоинствени услови за живот на 14 семејства со вкупно 56 деца во Визбегово. Децата се вклучени во образовниот процес за што е организиран и превоз.
Министерството ги подобрува условите за ран детски развој. Во 2018 година капацитетот на градинките го зголемивме за 23 нови објекти. Го јакнеме и стручниот кадар со нови вработувања, бидејќи нашата цел е во следните 4 години опфатот на деца во градинките да го зголемиме за 50%. За таа цел за 2019 е обезбеден 300% повисок Буџет за нови градинки и поквалитетлно предучилишно образование.
Наш фокус беше и останува процесот на деинституционализација. За 16 месеци за 75% е намален бројот на деца сместени во институции. Сите деца од специјалниот завод Демир Капија веќе живеат во мали групни домови. Во мали групно домови се преселени и децата од установите „25 Мај“ и „11 Октомври“. Во „Мајчин дом” Битола остана само уште 21 дете. Планираме до крајот на годинава на сите деца да им најдеме топол дом, за што создаваме квалитетна база на згрижувачи.
Истовремено, со процесот на деинституционализација го јакнеме и успешното родителство, бидејќи првите години од развојот на детето се најважни за понатамошниот развој на човекот. Со оваа кампања сакаме сите, целото општество да соработува за да им помогнеме на родителите да станат свесни за потребата да научат родителски вештини.
Министерсвото спроведува и програма за социо-емоционален развој на децата, којашто има позитивен ефект врз емотивниот, социјалниот и интелектуалниот развој, јазикот и физичкиот развој.
За да се превенираат сите форми на насилство врз децата вклучувајќи го и запоставувањето, Северна Македонија е прва земја во регионот којашто воведе индикатори за препознавање на деца жртви на насилство.
Децата се нашата иднина, нашиот непроценлив човечки капитал. Како одговорна Влада којашто во секое дете гледа потенцијал продолжуваме посветено да инвестираме и да се грижиме.