Османи: Успехот на Северна Македонија поттик и за останатите земји да го искористат европскиот моментум

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи денес учествуваше на Меѓународната конференција на високо ниво во Скопје „Проширувањето на ЕУ на крстопат“.

„Многупати имам кажано дека ориентираноста на земјите од Западен Балкан кон ЕУ не е поради географски, историски или економски причини, туку целта е да се изгради долгорочно стратешко партнерство, односно начин како да се променат балканските земји, а ЕУ да нè прифати како еднакви“, посочи Османи, нарекувајќи го овој процес мисија која допрва треба да се исполни.

„Оваа година го добивме најпозитивниот Извештај од Европската комисија досега, кој ги рефлектира реализираните реформи и постигнатиот напредок. Дури и самиот да го пишував Извештајот, немаше да биде толку позитивен - ќе мислевте дека сум пристрасен и дека преувеличувам. Меѓутоа овој Извештај го пишуваат професионалци кои го следат нашиот напредок на дневна база и нотираат сè што имаме постигнато,“, истакна Османи, посочувајќи дека овој успех и признание не се подарок, туку заслуга стекната со многу посветеност, многу работа, храбро лидерство изминативе две години, но и со значајн акумулирана вредност во текот на изминатите деценија и пол.

„Оваа 2019 година е пресвртна година за Европската Унија, но дозволете да додадам и круцијална година за нас - земјите од Западниот Балкан. Имаме неповтролива шанса да го искористиме фокусот на Европа насочен во насока на консолидација на континентот, и да создадеме трајна вредност за нас, за нашите општествата, за идните генерации. Во таа насока, успехот на Северна Македонија треба да претставува поттик и за останатите земји од регионот да се приклучат на европскиот бран и да го искористат овој европски моментум“ заклучи Османи.

Меѓународната конференција е во организација на поранешниот Претседател Бранко Црвенковски и Подгоричкиот клуб, а на кој учествуваат поранешни претседатели и премиери од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора.