Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заменик-претседателот на Владата на РСМ и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за правда, Рената Дескоска и министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, вечерва гостуваа во емисијата „Отворено“ на ТВ 24, во рамките на серијата јавни настапи „Две години Влада - Одговорно пред граѓаните“.
На прашање на водителот на емисијата со каква порака заминува за Берлин на средба со канцеларката Меркел, премиерот Заев истакна дека од таа средба се очекуваат појасни детали за утврдување на датумот за отворање на поглавјата.
„Канцеларката Меркел е голем пријател на Северна Македонија. Со силата на нашите аргументи ќе ги соопштиме очекувањата коишто доаѓаат од ветувањето „Испорачајте, ќе испорачаме“. Извештајот на Европската Комисија е блескав и препораката овој пат е безусловна и очекуваме верификација со датум за отворање на поглавјата од Европскиот Совет, од Советот на министри и од земјите членки на ЕУ“, истакна премиерот Заев.
Во продолжение претседателот на Владата на РСМ Заев додаде дека успехот на Северна Македонија во евроинтеграцискиот процес е и успех на ЕУ, која треба да продолжи да ги прави реформите внатре, но и да го држи процесот отворен.
„Доколку сега не дојде признанието за Северна Македонија со датум за отворање на поглавјата, ќе се доведе во прашање кредибилитетот на ЕУ. Јас верувам дека мотивацијата за силата на привлекување на земјите кон ЕУ ќе опстои зашто успехот на нашата земја е мотивација и за другите земји во регионот. Одлагање на одлука за датум за нас ќе ги врати на сцената радикалните националистички сили и интересот на трети страни“, нагласи премиерот Заев и дополни дека не треба да преовладува чувството на изневереност.
„Ќе се бориме затоа што ги имаме сите аргументи зад нас. Во дел од тие аргументи учествуваше и опозицијата. Достигнавме критериуми и постигнавме едно ниво дека нашата земја ќе напредува со отворање на поглавјата. Тоа извештајот на Европската Комисија го потврди. Нема други причини“, рече премиерот Заев во емисијата „Отворено“ на ТВ 24, во рамките на серијата јавни настапи „Две години Влада - Одговорно пред граѓаните“.