Од средбата на премиерот Заев и словачкиот министер за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Лајчак: Северна Македонија е пример дека процесот на проширување на ЕУ е жив и напредува

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со  Мирослав Лајчак, претседавач на ОБСЕ и вицепремиер и министер за надворешни работи и европски прашања на Словачка, кој со делегација престојува во дводневна официјална посета на нашата земја.

На средбата, на која присуствуваа и министерот за надворешни работи, Никола Димитров и амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Заев и Лајчак изразија заедничко задоволство од пријателските односи меѓу двете земји, со тенденција за понатамошно унапредување, а особено беше истакната поддршката која Северна Македонија ја има од Република Словачка за нејзините интеграциски процеси во НАТО и Европската Унија.  

Премиерот Заев на шефот на словачката дипломатија Лајчак, му се заблагодари за поддршката во овој, како што рече, важен момент за државата, кога од клучно значење за земјата е донесувањето на одлуката за отворање на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија, нагласувајќи дека таа е дополнителен мотив за сите граѓани. 

Премиерот Заев изрази задоволство и за Ратификацијата на Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО, во словачкиот Парламент и  ја истакна личната посветеност на Лајчак, како претседавач, за имплементација и решавање на приоритетите на словачкото претседателство на Организација за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ). Позитивно беше оценета соработката со институциите на ОБСЕ, во насока на постигнување на европските стандарди во заштита и промовирањето на националните малцинства, изборните стандарди, во прашања поврзани со  јакнењето на слободата на медиумите.

„Работиме напорно на реформите и на одржување пријателски односи со соседите, обезбедивме безбедност и стабилност во земјата, водејќи се од европските вредности како владеењето на правото, инклузивен процес за носење на законите, независно судство. Сметаме дека одлуката за почеток на пристапни преговори е важна не само заради нас, туку и заради пораката којашто ќе се испрати до целиот регион, но и пошироко, дека вистинското инвестирање во реформите и во добрососедските односи значат и сигурен влог во подобра иднина за граѓаните. Ние бараме шанса, којашто искрено веруваме дека ја заслуживме, а тоа е, оваа година да ги започнеме преговорите за членство во Европската Унија", рече премиерот Заев. 

Тој, подвлече дека чувството е одлично кога граѓаните на Северна Македонија гледаат дека соседот Грција се бори државата да добие датум за преговори.

Претседавачот на ОБСЕ и министер за надворешни работи Лајчак истакна дека словачката поддршка за отворањето на преговорите е јасна и продолжува. Лајчак додаде, дека Северна Македонија го направи невозможното, го реши повеќедеценискиот спор со Грција и сега треба да биде овозможено добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ.  Истовремено, тој упати честитки до Владата за посветеноста и храброста при преземањето на сите чекори.

Лајчак оцени дека Северна Македонија е пример, преку кој се покажува дека процесот на проширувањето на ЕУ е жив и напредува.

Заедно со премиерот Заев, шефот на словачката дипломатија Лајчак, заклучија дека Договорот од Преспа е фокусиран на иднината, а не на минатото и дека тоа е добар пример како треба да се решаваат проблемите меѓу соседите во регионот и пошироко.