Денес и утре (4 и 5 јули 2019 година), министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во Познањ учествува на шестата Kонференција на високо ниво за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес со кој оваа година претседава Полска.
Во рамките на програмата на Министрите за надворешни работи, МНР Димитров денеска учествуваше на работен ручек со останатите министри за надворешни работи од земјите учеснички во Берлинскиот процес, на кој се дискутираа прашањата за евроинтегративната перспектива на земјите од регионот на Западен Балкан, а се разговараше и за понатамошниот развој на самиот Берлински процес во наредниот период. Состанокот на МНР на Самитот продолжи со пленарна сесија на која беа разгледани актуелни прашања поврзани со регионалната соработка, пресек на постигнатите резултати и постојните предизвици во регионот.
На крајот на овој програмски дел следеше прес-конференција на која беше објавено дека наредната година Северна Македонија и Бугарија ќе бидат копретседавачи на Берлинскиот процес. Со ова се јакне сопственоста на Регионот врз процесот, а воедно се оддава и посебно признание за Северна Македонија и Бугарија за заложбите во градењето на добрососедските односи и нивната важност за европската перспектива на Регионот.
„Треба да бидеме многу задоволни од тоа што се постигнува, Берлинскиот процес почна со агендата на патно поврзување, се прошири со создавање на регионална економска зона - и двата проекти се всушност подготовка за пристапувањето. Процесот го препозна силниот потенцијал на регионалната соработка што се преточи во конкретни проекти и инцијативи за секторска соработка со цел забрзување на европската интеграција, економски раст и стабилност. Фокусирајќи се врз конкретни проекти од заемен бенефит, демонстриравме зрелост и политичка волја за меѓусебно поврзување во светло на зголемената побарувачка за Европа во регионот. Преку Берлинскиот процес, понудивме европско разбирање и соработка во насока на заемен раст, регионална стабилност и просперитет.”
На маргините на Самитот, МНР Димитров оствари билатерална средба со Пека Хависто, министер за надворешни работи на Република Финска, која од 1 јули о.г. го започна своето претседавање со Советот на ЕУ. Во таа насока, МНР Димитров го информираше соговорникот за демократскиот пресврт што Северна Македонија успеа да го направи во изминативе две години, подвлекувајќи дека нашиот успех, јасно отсликан во Извештајот на Комисијата, треба да биде потврден и зацврстен со позитивна одлука во октомври. Почетокот на следната фаза од нашиот европски пат ќе послужи како дополнителен поттик за нас дома, но ќе испрати и охрабрувачки сигнал за европската иднина на целиот регион. Северна Македонија годинава нуди шанса што заеднички со Финска како претседавачи и со останатите земји членки, треба да биде искористена.
МНР Димитров денеска учествуваше и на два панели во рамките на делот посветен на улогата на цивилното општество на Самитот во Познањ.
На панелот посветен на интеграцијата на Ромите, беа презентирани заложбите на Владата на Република Северна Македонија по ова прашање. Воедно Република Северна Македонија е иницијатор на Декларација за интеграција на Ромите во процесот на проширување на ЕУ, која утре ќе биде усвоена во рамките на Самитот.
На панелот со наслов „Подобра животна средина за подобар живот” се разговараше за важноста на животната средина и начините за решавање на горливите еколошки проблеми во регионот.
На утрешниот и последен ден на Самитот, на средбите на шефови на влади и држави, МНР Димитров ќе и’ се приклучи на делегацијата предводена од ПВРСМ Заев.