Премиерите Заев и Борисов остварија средба на Самитот на Западен Балкан во Познањ: Духот на добра волја и пријателство со кои беа одбележани и чествувани заеднички некои настани и личности, треба да продолжи и понатаму

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во рамките на своите активности на Самитот за Западен Балкан во Познањ, Република Полска, оствари средба и со премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов.
 
На средбата, на која присуствуваа и Заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, беше потврдено дека Договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете земји останува пример за решавање на отворените прашања во регионот и дека беше импулс и за следните големи политички одлуки што ги донесе Република Северна Македонија, како што беше Договорот од Преспа, после што следуваше забрзување на процесите за членство во НАТО и ЕУ.

 

 
Двајцата премиери разговараа за спроведувањето на одредбите од договорот и се согласија дека се остваруваат со добра динамика, но и дека секогаш може подобро.
 
Низ разговорот, премиерите Заев и Борисов изразија поддршка и охрабрување за работата на комисиите на двете земји да ја засилат соработката и посветеноста на прашањата што ги разгледуваат.
 
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и Претседателот на Владата на Република Бугарија изразија заедничко мислење дека двете земји имаат дел од заедничка историја, и дека духот на добра волја и пријателство со кои започнаа да се одбележуваат и чествуваат заеднички настани и личности што се оствари во изминатиот  период, треба да продолжи и понатаму.

Премиерот Заев, во име на Владата на РСМ и во име на народот на земјата изрази благодарност за поддршката на Република Бугарија во евро-атлантските интеграции на нашата земја, соодветно на поддршката што доаѓа од искреното пријателство меѓу двете земји.
 
Оваа блиска соработка е крунисана на Самитот во Познањ со заедничкото, историско, претседавање на Берлинскиот процес во наредните 12 месеци, што е признание за Бугарија и за нејзиното лидерство како земја членка во регионот, како и за Република Северна Македонија, која се докажа низ конкретни чекори како земја која пријателството и довербата ги става во врвот на своите приоритети.