Премиерот Заев на прес-конференција со Меркел, Моравјецки и Борисов: 43 милиони евра за проекти за Северна Македонија како придонес од Берлинскиот процес и регионалната соработка и добрососедство

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки, со канцеларката на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел и со премиерот на Република Бугарија, Борис Борисов, се обрати на заедничката, завршна прес-конференција на Самитот на Западен Балкан во Познањ, Република Полска, во својство на копретседавач на Берлинскиот процес во наредните 12 месеци, која како премиер на Северна Македонија ќе ја сподели со премиерот Борисов.

Во своето обраќање пред европската, регионалната и националната медиумска јавност, премиерот Заев им се заблагодари на полските домаќини за одличната организација на овој Самит, како и за бројните настани и активности кои му претходеа, и на иницијаторката на Берлинскиот процес, Канцеларката Меркел, која, како што рече премиерот Заев, несомнено даде силен импулс за европската перспектива на Регионот и регионалната соработка.

 

 

„Сметам дека сите треба да бидеме горди на постигнатите резултати. Регионалната соработка доби нова димензија. Реализирани се мноштво на проекти и започнати се мноштво иницијативи кои треба да допринесат кон економски развој, зголемена трговска размена и меѓусебно подобро разбирање и помирување. Берлинскиот процес несомнено се покажа дека  помага во  остварувањето на стратешката цел на Регионот - неговата интеграција во ЕУ, но тој не треба да го супституира  пристапниот процес, туку и натаму да биде со него комплементарен“, рече премиерот Заев и додаде дека во Познањ имаше можност да се направи пресек на постигнатото, и да се отвори дискусија за иднината на процесот. 

„Несомнено Регионот сѐ повеќе станува сопственик на процесот. Еден од доказите за тоа е што во наредната година одлучено е Бугарија заедно со Република Северна Македонија да бидат ко-претседавачи на процесот ко-домаќини на Самитот.  Тоа е извонредна вест за сите и е доказ за градењето на добрососедските односи, продлабочениот политички дијалог меѓу земјите и зрелост за повисоко ниво на соработка. Искрено се радувам, што со мојот пријател и колега, премиерот Борисов заеднички ќе ги пречекаме сите премиери од Берлинскиот процес и ќе воведеме нова практика на заедничко претседавање на една држава членка на ЕУ и една држава кандидатка за членство во ЕУ од Западен Балкан. Оваа заедничко претседавање само ќе го зацврсти нашето пријателство и ќе биде позитивен пример за идните години на Берлинскиот процес“, рече Претседателот на Владата на РСМ Заев, и додаде дека е голема чест што за прв пат од стартот на Берлинскиот процес една земја членка од Западен Балкан, кандидат за членство во ЕУ, како што е Северна Македонија, да копретседава со Берлинскиот процес и заедно со Бугарија да ги организира и координира проектите за поддршка на политиките на евроинтеграции на регионот.

Заев истакна дека оваа чест, истовремено е и одговорност и обврска да ги одржиме перформансите на иницијативата. 

„Во наредните години нашата визија е целиот Регион да се најде во повисока фаза на интеграција во ЕУ.  Напредокот во пристапниот процес отвора уште поголем потенцијал за соработка и економски развој на Регионот. Уверен сум дека овие цели ќе бидат постигнати“, потенцираше премиерот Заев на заедничката прес конференција со полскиот премиер Моравјецки, со канцеларката Меркел и со бугарскиот премиер Борисов.

Во продолжение премиерот Заев изрази благодарност во име на Владата на РСМ и во име на народот на земјата за новиот пакет за поврзаност, со кој Европската комисија им оддаде признание на политиките на Северна Македонија со фонд од 42,7 милиони евра за три проекти од огромна важност за земјата.

„Околу 13,2 милиони евра ни се доделени за Интерконекторот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија за снабдување со природен гас, како еден од  најзначајните енергетски проекти во овој дел на Европа, чија реализација ќе значи можност, иднина, конкурентност, безбедност и сигурност при снабдувањето со природен гас. Нашата држава, нашата Влада и јас лично ќе се заложиме овој проект да продолжи и кон нашите први соседи Косово и Србија и така да добие уште поголема регионална вредност. Тоа ќе ја зголеми енергетската независност на државите од Западен Балкан, и ќе ја зголеми меѓусебната поврзаност на овие држави и нивните економии во регионот“, рече премиерот Заев. 

Тој објасни дека околу 2,8 милиони евра од овој фонд ѝ се доделени на земјата за Изградба на заедничкиот железнички граничен премин и патен пристап на Табановце на границата меѓу Република Србија и Република Северна Македонија, за да се олесни и подобри движењето на стоки и лица долж Коридорот 10, и дека 27,8 милиони евра ќе бидат насочени за изградба на Автопатот А4, Блаце - Скопје, како придонес кон подобра поврзаност во Коридорот 8 и како продолжение на завршениот автопат Приштина - Блаце до нашата граница. 

„Сите овие проекти имаат вредност и корист за целиот регион и ќе имаат позитивен ефект врз раздвижувањето на економијата и олеснувањето на патувањето на луѓето.  Таквите проекти ја изразуваат вистинската вредност на Берлинскиот процес и регионалната соработка, а граѓаните и компаниите можат да го почувствуваат тоа во секојдневниот живот и работа“, рече премиерот Заев на заедничката завршна прес конференција со премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки, со канцеларката на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел и со премиерот на Република Бугарија, Борис Борисов.