Премиерот Заев со претставничката на УНХЦР во РСМ: Северна Македонија ќе продолжи да остварува интензивна соработка со УНХЦР за реализирање на проекти од заемен интерес и активен придонес за глобалните процеси врзани за прашања од агендата на ОН

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска во својот кабинет се сретна со претставничката на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) во нашата земја, Моника Сандри.
 
На средбата, позитивно беше оценета досегашната соработка на УНХЦР и Република Северна Македонија и во таа насока се разговараше за тековните програми на Канцеларијата на УНХЦР во земјата и во светот, како и потребата за продлабочување на солидарноста на државите во решавањето на прашањата поврзани со бегалците.
 
Претставничката на УНХЦР го претстави Глобалниот договор за бегалци и го најави Глобалниот форум за бегалци кој ќе се одржи во декември 2019 година во Женева. Притоа, ја покани државата да даде свој придонес во областите на социјална инклузија на бегалците и искоренување на бездржавјанството.
 
Се разговараше и околу можното пристапување на Република Северна Македонија кон Конвенцијата на Организацијата на обединетите нации (ООН) од 1961 година за намалување на бездржавјанството, како и за бројот на лица кои би биле опфатени со оваа ратификација и други импликации и натамошна координација.
 
Г-ѓа Сандри посочи дека преземајќи ги овие чекори, Северна Македонија може да стане пример за регионот и пошироко.
 
На средбата, беше заклучено дека соработката меѓу Северна Македонија и УНХЦР  ќе продолжи со цел да се најдат најсоодветни решенија за институционално-правната рамка за евидентирање на сите лица, на кои треба да им се обезбеди основната лична документација за да се стекнат со правен статус, кој потоа ќе им ги обезбеди сите права што ги имаат и сите други граѓани на нашата земја.
 
Беа разменети мислења за состојбата со бегалците и мигрантите во Регионот и пошироко.