Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи како главен политички преговарач и шеф на државната делегација за преговори заедно со посебниот советник на претседателот на Владата за евроатлански интеграции Бојан Маричиќ како главен технички преговарач, одржаа отворен брифинг во медија центарот на Владата, каде реферираа пред медиумите за одлуките на Владата со кои се заокружи целокупната правна рамка за формирање на сите тела од преговарачката структура, како подготовка за старт на преговорите за полноправно членство во Европската Унија.
„Во октомври очекуваме реализација на одлуките на Советот на ЕУ, и токму затоа, во периодот кој ни претстои сите наши сили се насочени кон подготовката на земјава за старт на преговорите за полноправно членство во Европската Унија“, истакна Османи, упатувајќи на одлуките на Владата за формирање на телата кои се дел од преговарачката структура, а тоа се: Комитет за процесот на скрининг и преговори, кој го предводи Премиерот Зоран Заев и кој претставува највисоко тело во рамките на преговарачката структура; Државна делегација за процесот на скрининг и преговори, која ќе ја предводи главниот преговарач, Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и која ќе биде задолжена на политичко ниво да ги води преговорите со институциите на ЕУ и земјите – членки; Канцеларијата на главниот технички преговарач, која ќе ја предводи Бојан Маричиќ, и која ќе ги води преговорите на техничко ниво; како и останатите тела - работните групи, Работниот Комитет за европски интеграции, како и улогата на Секретаријатот за европски прашања, кој со одлуката на Владата прераснува во Секретаријат за поддршка на целата преговарачка структура.
Во продолжение Маричиќ подетално ја запозна јавноста со актите кои ја уредуваат Преговарачката структура и посочи на сложеноста на процесот, но и отвореноста на Владата за вклучување на целото општество:
„Процесот на преговори за пристапување на Република Северна Македонија кон Европската Унија е комплексен процес на целокупна трансформација на општеството и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Владата нема никаква дилема дека главен носечки столб на процесот на пристапување кон ЕУ е јавната администрација и институциите. Но, овој процес е инклузивен и ќе ги вклучи сите засегнати страни кои може да придонесат со својата експертиза, знаење и искуство.“
Маричиќ истакна дека тоа што Владата ги донесе актите ја покажува нејзината сериозност во однос на процесот на пристапување на Република Северна Македонија кон Европската Унија и покажува дека Владата се подготвува за отпочнување на преговорите до крајот на оваа година.
„Процесот на преговори претставува и една од најважните и најобемните административно - политички операции низ кој поминале сите земји - членки на Унијата; тоа е процес со кој целата држава ја зајакнува функционалноста на своите институции, процес кој обезбедува трансформација на институциите, процесите и политиките, согласно европските правила и стандарди“, истакна Османи посочувајќи дека преку преговорите, земјата ќе оствари и една од своите основни заложби за изградба на целосно европско општество, како и членство во Европската Унија.