Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Кимо Лахдевирта, амбасадор на Република Финска, за Република Северна Македонија.
На средбата е констатирано дека нашата држава бележи прогрес во повеќе области, како што е решавањето на билатералните прашања со соседите, посебно преку постигнатиот Договор од Преспа, како и стабилизацијата на политичката клима во државата, што е важно за инвеститорите и економијата. Посочено е дека има видлив прогрес и во делот на владеењето на правото. Заеднички е ставот дека владеењето на правото и борбата против корупцијата се важни како за нашата држава, така и за Европската унија.
На состанокот е изразена поддршка од Република Финска за интеграциите на нашата држава и за добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ во октомври. Споделени се ставовите дека за ЕУ се важни единството и кохезијата, како и продолжување на политиките на проширување кон земјите кандидатки, коишто ги почитуваат и применуваат европските вредности, за што и се заложува Република Финска, како земја претседавач со Советот на ЕУ.
„Затворивме чувствителни билатерални прашања и отворивме пријателства со сите соседи, а работиме и дома на реформите во соработка со опозицијата, за сите важни прашања, како што е правосудството. Посветени сме на зајакнување на капацитетите на институциите и тоа почнува да ги дава резултатите во делот на правдата, еднаквоста пред законите, борбата против корупцијата, растот на економијата. Цениме дека е можно во декември да се заокружат НАТО интеграциите и да станеме полноправна членка на Алијансата, а во октомври очекуваме и историски исчекор во ЕУ интеграциите преку добивање датум за почеток на преговорите. Тоа ќе биде мотивација и за Република Северна Македонија и за целиот регион – дека кога се водат храбри и искрени политики на решенија, доаѓаат и резултатите”, рече премиерот Заев.
На средбата е заклучено дека Република Северна Македонија и Република Финска се пријателски земји пред коишто има бројни можности за зголемување на соработката, посебно во делот на економијата и образованието. Разговарано е за искуствата од Финска што се применливи за образованието во нашата земја, како и за можностите за размена на искуства на експертско ниво за области значајни за квалитетот на живот на граѓаните.