Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од Бујар Османи, заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања и Елвин Хасан, министер без ресор задолжен за странски инвестиции, имаше работен ручек со министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевљут Чавушоглу, придружуван од турска делегација и од Тулин Еркал Кара, амбасадорката на Република Турција во Република Северна Македонија.
На средбата се потврдени добрите пријателски односи помеѓу двете земји, посебно во делот на економијата и е изразена определба за развој на соработката и за охрабрување на инвеститорите од Турција за нови инвестиции во нашата држава.
На состанокот се поздравени постигнувањата на Република Северна Македонија на планот на интеграциите и се изразени честитки за затворањето на билатералните прашања со соседите. Изразена е поддршка за отворениот пат на нашата држава кон НАТО и кон ЕУ. Исто така, пренесени се поздрави од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган до премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, ја потврди поканата од претседателот на државава, Пендаровски за посета на турскиот претседател Ердоган, на Република Северна Македонија.
-Овој интеграциски процес има за цел да донесе економски бенефити за граѓаните. Затоа посветено работиме на НАТО и ЕУ интеграциите, но силно сме насочени и кон економијата и на мерките што ќе донесат директни финансиски придобивки за граѓаните. Република Турција е голем пријател и економски партнер на нашата земја и во таа насока гледаме можности да ја продлабочиме соработката, рече премиерот Заев.
На работниот ручек беше констатирано дека реформите во судскиот систем и функционирањето на правната држава се од значење и за граѓаните на земјава и за европските перспективи.
Разговарано е и за добрата соработка во образованието и за можностите за соработка во областа на енергетиката.