Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, имаше средба со Марија Петровиќ, амбасадорка на Република Црна Гора во Република Северна Македонија.
На средбата е констатирано дека двете пријателски земји имаат одлични билатерални односи, без отворени прашања и низ интензивните контакти работат на унапредување на соработката, во интерес на регионалниот развој.
На средбата е констатирано дека Република Северна Македонија покажа дека има капацитет да се носи со важни прашања, како на меѓународен план, така и на внатрешно политички план, посебно во делот на имплементацијата на реформите во правосудството и борбата со корупцијата. Оценето е дека тоа дава причини плус, Европската Унија да даде позитивен сигнал кон Република Северна Македонија, преку продолжувањето на процесот на евроинтеграциите на земјава, а потоа и кон другите држави од регионот коишто аспирираат кон ЕУ.
- По резултатите од добрососедските политики и усвоените реформи со консензус во државава, продолжуваме да даваме аргументи за исчекор во евроинтеграциите во октомври, кога очекуваме да го добиеме датумот за почеток на преговорите со ЕУ, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев оцени дека ова е драгоцен период за државата, кога гледаме можност и за заокружување на полноправното членство во НАТО. Целиот овој амбиент во земјава дава економски резултати, но како што соопшти премиерот Заев, целта на Владата е, тие економски резултати граѓаните директно да ги почувствуваат во животниот стандард.
На средбата е разговарано и за отворените можности за соработка, посебно во областа на економијата.